Сексуалното вознемирување не познава род!
Автор: Бобан Илијевски
Вознемирувањето на работно место е реалност во Македонија која се случува постојано. Тука не мислам само на мобинг или психичко вознемирување, туку и на сексуално вознемирување.
Имено, во разговор со еден мој пријател дознав дека во една компанија со странски капитал во Македонија, некој од вработените си зел во право на негова колешка да испраќа недолични пораки. Добро е што по пријавата на истата, надлежните во компанијата реагирале и го отпуштиле од работа.
Убеден сум дека има многу вакви случаи, само што многу од жртвите не се осудуваат да пријават, најверојатно поради страв од одмазда. Затоа, мислам дека клучно е надлежните да создадат механизам кои ќе им овозможи на жртвите на вознемирување да можат да пријавуваат вакви девијантни појави анонимно. Исто така, мислам дека потребно е ваквите случаи да се сфаќаат сериозно и веднаш да се постапува по истите.
Често, кога ќе се спомне сексуалното вознемирување, се смета дека само жените можат да бидат потенцијални жртви, но тоа не е така. Колку и да звучи смешно, има и мажи кои се жртви на оваа појава, исто како и што има мажи кои се жртви на семејно насилство. За ова малку се зборува во јавноста, бидејќи ретко кој маж се осудува да пријави до надлежните, а причината за тоа е повеќе од јасна – осудувањето од околината. Имено, на сите многу ни е јасно во какво општество живееме, па мислам дека нема потреба што многу да се зборува за ова.
Како новинар, досега имам напишано два текста (едно интервју) за сексуалното вознемирување, првобитно затоа што ова е тема на која не се обрнува многу внимание, иако би требало често да се зборува на истата.
Како може да се докаже сексуалното вознемирување на работно место?
И покрај менталитетот и начинот на размислување околу овој проблем, се надевам дека се повеќе луѓе ќе се охрабруваат да пријавуваат секаков вид на вознемирување и дека нивните поплаки ќе наидуваат на слух од страна на надлежните во Македонија.
Новинар за работни односи, човечки ресурси и кариера -
- Labor Relations, HR, and Career Journalist