Како може да се докаже сексуалното вознемирување на работно место?
Бобан Илијевски
За сексуалното/половото вознемирување многу малку се зборува во јавноста, па поради тоа редакцијата на порталот Работник во соработка со Македонското здружение на млади правници, се обиде да дознае повеќе за ова вознемирување. Подолу можете да прочитате повеќе за тоа што вели законската регулатива за овој вид на вознемирување, колку изнесуваат казните, како и на кој начин може да се докаже сексуалното вознемирување.
Како може одреден работник/работничка да го докаже сексуалното вознемирување на работното место? Дали во Македонија досега има пресуди во однос на ова?
Докажувањето на сексуалното вознемирување може да биде тешко, велат од Македонското здружение на млади правници. Работниците, објаснуваат од таму, ги имаат на располагање сите доказни средства кои ги регулира Законот за парнична постапка.
Дополнија дека најчесто во вакви случаи се користат изјави од колегите кои биле сведоци на постапувањето, но може да се искористи и вештачењето од претрпениот стрес, страв и/или вознемирување, како и евентуалната писмена комуникација.

Што вели законската регулатива за сексуалното вознемирување на работното место?
Од Здружението посочија дека Законот за работни односи ја воспоставува основата за заштита од сексуално вознемирување на работно место.
Законот за работните односи го дефинира половото вознемирување како секое вербално, невербално или физичко однесување од полов карактер кое има за цел или претставува повреда на достоинството на кандидатот за вработување или на работникот, а кое предизвикува страв или создава непријателско, понижувачко или навредливо однесување, велат од МЗМП.
Значајно е да се спомене дека забраната за полово вознемирување се однесува, како на работникот, така и на кандидатот за вработување, велат од таму. Објаснуваат дека работодавачот има обврска да обезбеди ниеден работник да не биде жртва на полово вознемирување, додавајќи дека Законот предвидува глоба во износ од 500 до 3,000 евра, во зависност од големината на компанијата, доколку работодавачот не ја почитува својата обврска за заштита на работникот од полово вознемирување.
Законот за работните односи не предвидува постапка за заштита од полово вознемирување која е различна од постапката за заштита на било кое право од работен однос. Во таа насока, Законот регулира дека работникот најпрво треба да поднесе писмено барање до работодавачот за отстранување на прекршувањето на правата, а доколку работодавачот не го отстрани прекршувањето, може да поднесе тужба пред надлежен суд, истакнаа од МЗМП.
Велат дека оваа материја е подетално регулирана во Законот за заштита од вознемирување на работното место. Законот, како што велат, ја презема дефиницијата за полово вознемирување од Законот за работните односи, при што дефинира дека за полово вознемирување ќе се смета она однесување кое не престанало и по писменото предупредување од страна на вознемируваното лице дека му пречи однесувањето на вршителот на вознемирувањето, како и тоа дека вознемирување на работно место претставува и наведувањето и поттикнувањето.
Законот за заштита од вознемирување на работно место утврдува „внатрешна и надворешна“ постапка за заштита од вознемирување. „Внатрешната“ заштита опфаќа постапка во рамки на самиот работодавач која опфаќа информирање на вршителот на вознемирување и барање таквото однесување да престане, поднесување барање за заштита од вознемирување до одговорното лице во работодавачот и спроведување постапка за разрешување на прашањето преку посредник кој е должен да постапува независно и непристрасно на начин за да им помогне на страните да постигнат спогодба, велат од Здружението.
Доколку ваквата постапка не заврши со постигнување спогодба, велат од таму, вознемируваното лице може да поднесе тужба пред надлежен суд.
Важно е да се напомене, објаснуваат од МЗМП, дека доколку во текот на постапката тужителот го сторил веројатно постоењето на вознемирување на работното место, товарот на докажување дека немало конкретно однесување кое претставува вознемирување на работно место е на тужениот. Законот за заштита од вознемирување на работно место предвидува глоба од 400 до 10,000 евра, во зависност од големината на работодавачот, доколку не почитува некоја од неговите обврски регулирани во законот.

Од МЗМП посочија дека заштита од сексуално вознемирување предвидува и Законот за спречување и заштита од дискриминација, кој во член 10 го дефинира сексуалното вознемирување „како каков било облик на несакано вербално, невербално или физичко постапување од сексуална природа, што има цел или последица, повреда на достоинството или создавање на заканувачка, непријателска, понижувачка или застрашувачка средина, пристап или практика.“
Законот го смета сексуалното вознемирување како облик на дискриминација за кој е предвидена заштита од страна на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација. Постапката пред комисијата се започнува со поднесување на претставка во која се опишуваат сите околности и докази. Истовремено, Законот предвидува дека дискриминираните лица може да побараат судска заштита пред надлежен суд, во постапка која согласно Законот е ослободена од судски такси, велат од МЗМП.
Според нив, важно е да се посочи дека тужителот е должен да ги изнесе фактите што го прават веројатно тврдењето дека е сторена дискриминација и тогаш товарот на докажување преминува на тужениот да докаже дека не постои дискриминација.
Додаваат дека истиот стандард за товарот на докажување се применува и во постапката пред Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.
Од МЗМП велат дека глобата која ја предвидува овој Закон изнесува од 400 до 10,000 евра, во зависност од големината на правното лице кое извршило дискриминација, односно сексуално вознемирување.
Дали досега ви имаат пристиганото поплаки за сексуално вознемирување на работното место?
Од Здружението рекоа дека најчесто до нив пристигнуваат пријави за психичко вознемирување на работното место, како и дека досега немаат добиено пријава за сексуално вознемирување на работното место.
Фото: Freepik

