Уставниот суд не донесе одлука за „работа во недела“ поради недоволно мнозинство
Уставниот суд немаше мнозинство да ја прифати или отфрли иницијативата на Стопанската комора со која ги оспорија измените на Законот.
Дел од уставните судии на расправата се изјаснија дека иницијативата треба да се отфрли бидејќи ценат дека законот е во согласност со Уставот.
„Апсолутно не може да се доведе во прашање дека со оспорениот Закон се повредуваат уставните одредби. Со оваа иницијатива се индивидуализира и конкретизира едно право кое со Уставот се гарантира. Кога станува збор за права што Уставот ги гарантира тие добиваат на значење.“ кажа Осман Кадриу, Уставен судија.
Единствен против беше уставниот судија Дарко Костадиновски, според кого – измената во Законот, со која недела стана неработен ден е прифатлива и за поздравување, но сепак е во спротивност со Уставот.
„Сметам дека начинот на кој законодавецот сака да ја постигне оваа цел е уставно проблематична. Дел од наводите во иницијативата се основани. Остава простор за различни толкувања. Како се утврдува кои се тие технолошки процеси, кој го цени тоа.“ истакна Дарко Костадиновски, Уставен судија.
Дека законот треба да остане во сила, сметаше и претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска.
Сепак, за да поминеше или се отфрли иницијативата, сите 5мина судии – колку што сега брои Уставен, требаше да гласаат ЗА или ПРОТИВ, што повторно и за овој предмет не беше случај како и за 40тина други предмети кои изминатиов период не поминаа поради немање мнозинство. Од Уставен велат дека со тоа уште еднаш се покажува потребата од пополнување на испразнетите судиски места.
„За жал преку вака значаен предмет за граѓаните се истакна потребата за пополнување на судиските места. Рефератот на овој предмет гласеше да не се поведе постапка што значи Законот да остане во правниот поредок односно недела да остане неработен ден освен за дејностите за кои е исклучок и кои се предвидени токму во овој Закон. / Овој предмет не го доби доволното мнозинство, а еден од судиите се изјасни дека нема да го поддржи рефератот.“ изјави Кристина Беловска, портпарол.
За иницијативата на Стопанска комора, Уставните судии може повторно да се навратат откако ќе се комплетира нивниот состав.
Извор: Канал5

