НовостиПравдаСветот на работникот

„СЕ ПОВЕЌЕ РАБОТНИЦИ СЕ ОХРАБРУВААТ ДА ПРИЈАВАТ МОБИНГ“ – Досега има две конечни судски пресуди во корист на жртвите

   Време за читање 2 минути

Новинар – Бобан Илијевски

Мобингот е несомнено еден од најголемите проблеми со кој се соочуваат вработените. Целта на овој вид на малтретирање е да се натера вработениот сам да даде отказ.

Сепак, треба да се знае дека мобингот покрај вертикален (работодавач, менаџер – вработен), може да биде и хоризонтален – еден вработен да му врши мобинг на друг.

Општото мислење е дека мобингот е повеќе застапен во приватниот, отколку во јавниот сектор, но адвокатот Маја Ристова која е специјализирана во предметите од областа на работните односи и мобингот, вели дека е подеднакво застапен и во двата сектори.

„Не сум сигурна дека вработените во приватниот сектор се повеќе изложени на мобинг од вработените во јавниот. Моето мислење е дека мобингот е подеднакво застапен и во двата сектори“, изјави Ристова за порталот Работник.

Според неа, за да има поголема заштита од мобинг, потребна е добра законска регулатива и доследно применување на истата.

„Потребна е и поголема превентивна заштита од страна на работодавачот кон работникот, во оваа сфера, како и независно постапување на надлежните органи во постапките за заштита од мобинг“, вели Ристова.

Работниците се повеќе се охрабруваат да зборуваат за овој проблем

Ја запрашавме и дали во последниот период, кога имаме најголем недостиг на кадар, работниците повеќе се охрабруваат да побараат правна помош поврзана со мобинг.

Нашата соговорничка посочи оти не знае дали тоа се должи на дефицитот на работна сила или поради веќе создадената судска пракса на позитивни судски случаи или од некоја друга причина, но работниците се повеќе се охрабруваат гласно да зборуваат за овој проблем, но и да преземат мерки за заштита.

Инаку, досега има две конечни судски пресуди во корист на жртвите. Истите се донесени во скопскиот суд.

 

 

 

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и главен и одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk.