Се поочигледно е дека трговските центри ќе работат во недела
Станува се поочигледно дека трговските центри ќе работат во Недела, односно дека вработените во трговијата на мало ќе бидат исклучени од законското решение за недела како неработен ден.
Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска денеска рече дека доколку во конечното решение се одлучи трговските центри да работат во недела, тоа ќе биде под строго дефинирани критериуми, строго определено работно време, како и обврски на сопствениците на продавниците за одреден процент од средствата да се слеваат во државаната каса и дополнителен надомест за работниците кои ќе работат во недела.
„Повеќе од три месеци како Влада разговараме со сите партнери кои се засегнати со носењето на законското решение недела, ден за неделен одмор. Дебатата е суштинска и во текот на расправата за првичната замисла на МТСП во недела сите работници да не работат, освен оние во дејностите кои се неопходни за непречено функционирање на државата, произлегоа други размислувања за кои ние отворено дебатираме. Како носители на одлуките мора да се соочиме со бројките и реалноста и оттука размислуваме и за делот на работењето на трговските центри“, рече Шахпаска во одговор на прашање при денешната презентација на Оперативниот план за активни програми и мерки 2021 година.
Анализите и бројките, како што кажа, говорат дека трговските центри повеќе од 50 проценти од нивниот седмичен промет го прават точно во недела.
„Тоа се сериозни бројки кои се придонес на целокупната економија во државата, а доколку се согледаат и аргументите за шопинг туризмот на граѓани од нашите соседни држави и тие бројки не треба да се занемарат“, потенцира Шахпаска.
Вчера Премиерот Заев во посета на градилиштето на трговскиот центар „Скопје ист гејт“ истакна дека трговските центри треба да работат и во недела, но вели дека им дава шанса на ресорните министри, работниците и коморите да утврдат кое е најдоброто решение
„Ако во недела не работат трговските центри во Скопје нашите граѓани ќе одат во Косово и во Србија. Ако, пак, работат, тие ќе дојдат овде во недела. При тоа работењето во недела треба да се определи какво е согласно работничките права“, рече премиерот Заев во одговор на новинарско прашање при денешната посета на „Скопје Ист Гејт“ заедно со вицепремиерот за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи и министрите за транспорт и врски и за економија, Благој Бочварски и Крешник Бектеши.
„Треба да се регулира дали ќе работат 10 часа наместо 12 или 18 часа колку што работат во недела. За тоа постојат стручни луѓе и министрите за економија и за труд и социјална политика веќе ми презентираа креативни решенија што во моментов се бараат“ рече Заев.
Посочи дека веќе постојат, како што рече, убави европски решенија ем да има издишка во недела за работниците, ем да не изгубиме од економските придобивки, пред се за квалитетни плати на граѓаните и стопанството и за севкупната економија.
И од ресорното Министерство за економија во чија надлежност спаѓаат трговските центри, сметаат дека тие треба да работат во Недела, бидејќи тогаш граѓаните прават најмногу промет.
- ЗАВРШИ НОВОГОДИШНАТА КОШНИЦА: Од денеска ќе се знае дали ќе се вратат на старо цените што еден месец беа намалени - 12/02/2025
- Грчките институции ги заштитуваат работниците на Санторини, ќе добијат отштета од 534 евра - 12/02/2025
- НАЈБОГАТАТА ЖЕНА ВО ЕВРОПА ЈА НАПУШТА СВОЈАТА КОМПАНИЈА – ИМПЕРИЈАТА ЈА СОЗДАДЕ ДЕДО Ѝ: Нејзиното богатство се проценува на 89 милијарди долари - 12/02/2025