КолумниНовости

Сиромаштијата станува се поголем проблем, но не и за политичарите

   Време за читање 2 минути

Автор: Бобан Илијевски

Веќе 30 години, најголемиот дел од граѓаните во Македонија тонат во сиромаштија. Денска по повод Светскиот ден за борба против сиромаштија (17 октомври), неминовно е да се отвори проблемот со којшто се соочуваат многу поединци и семејства.

Борбата со сиромаштија некако тешко ни оди. Се повеќе гледаме семејства кои едвај преживуваат.

Властите, за жал, најмногу се ориентираат кон оние коишто им се најголемо гласачко тело, партиските послушници вработени под државна капа и една повозрасна група на граѓани, коишто тешко да сфатат дека нешто не е во ред во државава. Се обидувам да се изразам што е можно покоректно, бидејќи никого не сакам да навредам.

Државата се прокламира за социјална, но согледувајќи ја севкупната ситуација, некако тешко успеваме да бидеме токму тоа – социјална држава. За тоа говорат бројните семејства кои постојано алармираат дека живеат во екстремна сиромаштија – ги немаат ниту основните потреби за живот.

Од друга страна, гледаме луксузи, извинувања за тие луксузи и повторно луксузи. Тоа е, кога за три дена се сѐ заборава. Сепак, јас сум оптимист дека ќе биде подобро, па колку и ситуацијата да укажува на тоа дека ќе почекаме уште малку повеќе за дојдеме до некое повисоко ниво како држава.

Можеби ситуацијата ќе се поправи кога државата ќе остане само со старо население. Знам, малку сум саркастичен. Не ми замерувајте. Знам на каде оди работава со државава, затоа така пишувам.

Како секогаш што велам, времето ќе покаже.

Во оваа колумна не искористив простор за податоци за сиромаштијата од светот, бидејќи Македонија е поважна од светот. Барем за мене. Впрочем, затоа и сме таму каде што сме – го гледаме туѓиот двор, занемарувајќи го својот.

 

Бобан М. Илијевски

Новинар за работни односи, човечки ресурси и кариера