Кој најдолго работи во Европа? Балканот на самиот врв
Најновите податоци на Евростат откриле длабок јаз во работните навики на Европејците: жителите на поединечни земји работат речиси осум часа неделно повеќе од другите. Додека просекот на ниво на Европската унија изнесува 35,9 работни часа неделно, географската и економската поделба на континентот е повеќе од очигледна.
На една страна на скалата се наоѓаат земјите од Балканот кои бележат најдолго работно време, додека Западна и Северна Европа бележат значајно пократка работна недела.
Балканот го држи неславниот рекорд
Кога во статистиката ќе се вклучат земјите кандидати за членство во ЕУ, апсолутен рекордер е Турција со 42,4 работни часа неделно. Веднаш зда неа се наоѓаат Босна и Херцеговина (40,9 часа) и Србија (40,6 часа), пренесува Euronews.
Ова воедно се и единствените три земји во Европа во кои просечната работна недела ги преминува законските 40 часа, што значи дека просечниот работник во Србија поминува повеќе од осум часа дневно. Високи позиции држат и Грција (39,6) и Македонија (39,5).
Експертите нагласуваат дека ова не е прашање на „избор“ на самите работници.
„Во ниедна земја работниците не избираат сами колку долго ќе работат. Подолгото работно време на Балканот често е директна последица на пониската продуктивност и послабата преговарачка моќ на работниците во однос на работодавачите“, објаснува професорот Дејвид Спенсер од Универзитетот во Лидс.
Холандски модел: Работен ден пократок од 7 часа
На потполно спротивна страна се наоѓа Холандија, каде работната недела во просек трае севкупно 31,9 часа. Кога тој број ќе се подели на пет работни дена, просечниот работен ден во Холандија трае помалку од седум часа. Сличен модел успешно применуваат и Германија, Норвешка и Данска (со просек од 33,9 часа).
Клучот на холандскиот успех се крие во структурата на пазарот на труд. Дури 43 % од вкупно вработените во Холандија работат на половина работно време (part-time), што е драматично поголем процент отколку каде било во Европа. Покрај тоа, оваа земја има исклучително силни колективни договори кои го штитат слободното време на вработените.
Силата на синдикатите им се заканува на великаните
Интересно е да се споредат четирите најголеми европски економии. Германија има најкратка работна недела (33,9 часа), што е речиси два часа помалку отколку во Франција (35,6), Италија (36,1) или Шпанија (36,3).
Аналитичарите истакнуваат дека пократкото работно време во Германија ја одразува историската сила на нивните синдикати. Таму каде синдикатите и колективното договарање се посилни, забележани се помалку прекувремени часови и далеку поголемо почитување на трудовата регулатива.
Кои занимања трошат најмногу време?
Покрај националните разлики, Евростат покажува дека работното време драстично варира по сектори:
- Најдолго се работи во земјоделството, шумарството и рибарството (42 часа неделно), а веднаш зад нив се менаџерите и директорите (40,6 часа).
- Најкратко се работи во административните и помошните услужни дејности (31,8 часа), како и во секторот продажба.
Заедничкиот именител на целата анализа е јасен, поразвиените економии со висока продуктивност и организиран систем успеваат да генерираат поголем профит за помалку потрошено време. На помалку развиените пазари, недостатокот на технологија и преговарачка моќ на вработените и понатаму мораат да надоместуваат – со сопствено време.
Извор: BIZLife/K. J.

