“Следниот чекор ќе биде деца да работат во рудници?!”
Новинар: Бобан Илијевски
Јас би рекол тие коишто ги предлагаат овие законски измени за воведување на 60-часовна работна недела да ни покажат пример како е да работи во такви ризични услови, вели Милан Петковски, инженер за заштита при работа, за порталот Работник.
„Ние го имаме усвоено тој светски стандард на 40 часа неделно и сме рекле дека во исклучителни случаи заради испад на процесот, безбедносни причини, причини кои директно имаат финансиски импакт, може да се работи прекувремено, но тука станува збор за некаде, кумулативно, околу 48 часа неделно. Кумулативно во една година тоа се 190 часа, а ако се надминат овие часови, тогаш се остварува правото на 13-та плата, притоа не смее да се надминат овие 190 часови во една календарска година“, вели Петковски.
Сето ова, објаснува, дека е ставено во контекст дека човекот како битие, покрај тоа што има потреба да работи, има потреба и да одмара и да се социјализира. Доколку овие три компоненти, вели, се изместуваат, тогаш тоа ќе задира во нешто друго.
Во случајов, појаснува, ако се продолжува времето за работа, тогаш тоа ќе го скрати времето за одмор и времето за семејството, додавајќи дека колку како општество сме подготвени од тоа да жртвуваме, зависи од сите нас.
„Или ќе се придржуваме до тоа што и научно е потврдено дека треба така да биде, да кажеме, некој баланс помеѓу работниот и приватниот живот, или едноставно ќе дојдеме во ситуација дека се согласуваме да живееме за повисока плата, пократко време и се согласуваме да имаме повеќе заболени луѓе. Сето тоа зависи од нас“, истакна Петковски.
Историјата на човештвото сето тоа го има видено, така што „можеби следниот чекор ќе биде дозволување на деца да работат во рудници“, рече Петковски и посочи дека на крајот на краевите се зависи од тоа колку како општество сме зрели и ги прифаќаме одговорностите и последиците.
„Јас би сакал истите тие што ги заговараат овие работи, да покажат со сопствен пример. Нека ја зголемат работната недела, нека се изложат на повеќе здравствени ризици за поголема плата, а потоа ако е се во ред да се аплицира и во општеството“, вели Петковски.
Тој посочи дека со потенцијалното воведување на 60-часовна работна недела, би се прекршиле низа на конвенции на Меѓународната организација на труд, но пред сѐ, би се прекршил Уставот.
Инаку, со законските измени се предвидува да се работи и во недела.

