МакедонијаПравдаСветот на работникотСиндикат

СОНК е против намалувањето на платите во јавниот сектор

СОНК е против - Работник
270views

Реакција на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура – СОНК за мерките за давање на вработените во јавниот сектор 14,500 денари плата во април и мај: 

Целосната реакција ви ја пренесуваме интегрално:

Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Р. Македонија со особено внимание и голема загриженост ги следи состојбите во нашата држава предизвикана од Корона вирусот.  Загриженоста се темели на неколку полиња и тоа:

  1. Просветните, научните и културните работници со голема загриженост ги следат информациите за ширењето на вирусот во Македонија и препораките на Владата за примена на мерки, со што би се намалил ризикот за инфицирање од овој смртоносен вирус. Од таа причина и ние како Синдикат апелираме доследно да се почитуваат препораките на надлежните, со цел што е можно повеќе да се заштитиме и да придонесеме за спречување на ширењето на оваа пандемија.

И ние  се приклучуваме на препораката: СЕДЕТЕ ДОМА, со минимални излегувања во животната средина.

  1. Приоритет на сите нас е животот и здравјето на луѓето, за  што секој од нас има и лична одговорност. Но, во време на редуцирано и ограничено движење, ограничено реализирање на работните обврски, особено во стопанството,  се наметнува и економска криза, предизвикана од неможноста стопанството да работи со полн капацитет. Ние сме свесни дека даноците што ги плаќаат стопанството и граѓаните го полнат буџетот на државата и јавниот сектор од тие средства зема плата. Во вакви околности, се наметнува стравот на нашите членови за сигурноста на нивната заработувачка.
  2. Денешната прес-конференција на лидерот на СДСМ, господинот Зоран Заев, со изнесување на  предлог – мерки за намалување на економската криза и помагање на стопанството, конкретно, за намалување на платите во јавниот сектор за повеќе од 50%, во нашето членство предизвика големо незадоволство, загриженост, несогласување, немир, страв за сопствената егзистенција, егзистенцијата на сопственото семејство. СОНК смета дека оваа мерка е премногу радикална и дека голем дел од вработените ќе ги доведе до работ на егзистенцијата. Ова не сакаме да звучи егоистички, меѓутоа, сметаме дека предложените мерки директно ќе удрат врз работниците, што реално се и најмалку платени во државата. Особено реакциите се жестоки од страна на просветните работници, кои, во интерес на учениците, индиректно и на државата, вложуваат надчовечки напори преку алтернативни форми и методи, во домашни услови, да ја реализираат планираната програма.
  3. СОНК е убеден дека постојат и други решенија за надминување на економската криза, решенија кои директно и радикално нема да се манифестираат врз работниците во јавниот сектор.  За таа цел, бараме, предлогот упатен до Владата за намалување на платите до висината на минималната плата, односно до 14 500 денари, да се повлече.
  4. Предлагаме, под итно, да се воспостави социјален дијалог со синдикатите, да се слушнат и нашите размислувања и предлози. Особено е важно, според нас, да се консултираат и прифатат мислењата на економските експерти во нашата држава, без разлика на политичкото убедување и дејствување. Секој издржан и добронамерен предлог, поткрепен на база на длабока анализа и факти, треба да се прифати.
  5. Конечно, уште еднаш да го истакнеме нашиот став дека не го прифаќаме предложеното намалување на платите во администрацијата, од страна на претседателот на СДСМ. Апелираме до Владата, доколку ваков предлог дојде на дневен ред, да се отфрли. Со тоа би се спречиле и дополнителни социјални и економски немири, што воопшто не е исклучено со ваквата предлог мерка.

Впрочем, оваа криза не е само во Македонија. Ваква предлог мерка, во држави слични на нашата, каде што има економска криза,  намалување на плати нема ниту во Србија, Црна Гора, Хрватска, Босна и Херцеговина, Словенија, Албанија, Косово, Бугарија, Грција итн.