- Advertisement -
МакедонијаНовостиПравдаСветот на работникотСиндикат

СОНК ќе земе активно учество на најавениот протест на КСС

КСС - Работник
361views

Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија – СОНК, како грански синдикат и член на Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија –  КСС, на 15.04.2021 година ќе земе активно учество на социјалниот протест во организација на КСС. СОНК ги поддржува барањата на најголемиот синдикат во јавниот сектор и смета дека заради немање слух на надлежните, односно на социјалните партнери на сите нивоа, заштитата на сопствените интереси, во согласност со законите и колективните договори, мора да ги бара преку искажување на јавно незадоволство, односно преку предупредувачки протест.

Имено, повеќе од две години на нашата Конфедерација и е одземена законската можност да учествува во креирање на економската политика во државата, од причина што- некој така сака. Две години документите за репрезентативност на КСС седат во некоја фиока во Министерството за труд и социјална политика и се прави класична опструкција врз синдикалното делување на највисоко ниво. Штетата направена врз гранските синдикати, здружени во КСС е огромна и непроценлива.

И како ова да не е доволно, па се посегна по раководството на синдикатот. Бројни се примерите на раскинување на договори за работа (бркање од работа) од страна на работодавачите врз синдикалните лидери на сите нивоа. Најпрво се отпочна со бркање од работа на претседателот на конфедерацијата, а потоа и на претседатели на грански синдикати при КСС, претседатели на синдикални организации, активни членови……  Дел од нив се деградирани со преместување од постоечките работни места на пониски работни места, за повеќе нивоа,  други се  преместени на работни места оддалечени и повеќе од 100 километри од местото на живеење, а некои пак деградирани со намалување на работни задачи  и т.н.

Сето ова се прави со цел да се спречи синдикалното организирање и дејствување на КСС и гранските синдикати во неа, неводејќи сметка дека пред сe, со ваквите постапки, се гази врз достоинството на човекот, се уништуваат цели семејства, се прекршуваат повеќе закони и колективни договори, меѓународни конвенции…… Дали со ваквиот жесток притисок врз синдикатите и синдикалните лидери и активисти се прави обид да се задуши синдикализмот во државата? Дали се прави обид во државата да има место само за “подобни” синдикати и “невладини” организации? Дали со ваквиот однос на  “социјалните” партнери спрема КСС и гранските синдикати во КСС некој мисли дека ќе го замолчат КСС и повеќе нема да бара почитување на Законот за минимална плата и усогласување на колективните договори во согласност со споменатиот закон? Дека повеќе нема да бара 100% исплата на плата заради боледување или изолација од Ковид -19? Дека нема кој да бара зголемување на платите и излез од длабока сиромаштија и борба за гола егзистенција? Дали се смета дека притисоците врз инспекторатите и судиите да носат записници и одлуки по мерка на работодавачите ќе го обесхрабри и скрши КСС?

Секој што мисли дека со притисоци, бркање од работа, спречување на синдикалното организирање и дејствување ќе ја спречи борбата за остварување на работничките права, многу се излажал. КСС е премногу голем и силен и може да се одбрани од секакви напади.

Слоганот на протестот гласи „ДОСТА Е …… ПРЕТЕРАВТЕ“.

И навистина е доста. Вака, со вакви „демократски” методи не се оди во Европа. Меѓународната заедница будно ги следи демократските процеси во државата, како и меѓународните синдикални пријатели, европската и светската конфедерација на синдикати. Меѓународната организација на трудот подготвува тужба против Владата на Република Македонија. Навистина е ДОСТА, велат работниците, но и младината што секојдневно ја напушта татковината, разочарана од системот.

СОНК ги повикува своите членови да излезат на закажаниот протест и со своето присуство да дадат поддршка на заедничката синдикална борба  за остварување на своите права и подобро утре.