МакедонијаПравдаСветот на работникотСиндикат

СОНК: Ќе останеме воздржани од препораки, нo ако се загрози здравјето на просветните работници бурно ќе реагираме

Ќе заѕвони ли училишното ѕвонче? - Работник
3.83Kviews

Пандемијата на коронавирусот помеѓу другото ги затвори и училиштата, па остатокот од учебната 2019/2020 година учениците ја довршија од дома, од каде преку разни интернет платформи, како што се Гугл класрум и Зум наставниците им ги предаваа лекациите и им ги задаваа домашните задачи. Некои наставници се насочија кон испраќање на презентации и задавање на задачи преку електронска пошта.

Според истражувањето на ЛЕАД се покажува дека ваквиот начин на учење од далечина е нефункционален, па поради тоа од граѓанската организација препорачуваат да се изнајде унифициран модел кој би го користеле сите наставници и ученици.

Но, од страна на Владата сеуште нема најава на кој начин ќе се реализира учебната 2020/2021 година. Неодама за ТВ 21, заменик министерката за образование и наука Елизабета Наумовска посочила дека учениците од септември ќе се вратат на училиште, но со тоа што ќе треба да носат маски и ќе вршат редовна дезинфекција на рацете. Часовите наместо 40 -45 минути, ќе траеле само по 20 минути. Доколку некоја паралека има поголем број на ученици, тогаш класот ќе биде поделен на две групи, а наставата ќе ја држи истата наставничка. Ова е еден од начините на кој ќе се реазлизира новата учебна година.

Вториот начин, според неа, е комбиниран, а тоа значи дека доколку училиштата немаат доволно простор, одделенијата ќе се поделат во две групи. Таа посочи и дека децата кои имаат хронични болести, наставата ќе ја следат онлајн.

Самостојниот синдикат за образование, наука и култура – СОНК уште на почетокот од појавувањето на пандемијата во Македонија предупреди дека треба да се внимава на здравјето на просветните работници, како и на тоа дека за сите одлуки коишто се носат во врска со образованието, треба да биде вклучен и синдикатот.

Порталот Работник упати прашање до СОНК, за тоа што тие како претставници на вработените во образованието би им препорачале на Владата кога ќе се одлучува за тоа како ќе се одвива новата учебна година.

Од СОНК ни рекоа дека со оглед тоа дека МОН немал потреба да го слушне нивниот став и синдикатот не бил вклучен во работната група за изработка на новиот концепт за реализација на образовниот процес, СОНК воопшто нема да даде препораки и сугестии по ова прашање.

Од СОНК порачаа дека доколку има неспроведливост на процесот, како и минимум ризик од ширење на вирусот во училиштата, СОНК жестоко ќе реагира и како што рекоа, одговорноста ќе биде исклучиво на надлежните органи.

Бобан Илијевски