СветСветот на работникот

Германија повлекува потег што ќе погоди илјадници работници од Балканот: Квотата се преполовува, градежниците стравуваат од хаос

Германија од 1 јануари 2027 година планира да го преполови бројот на работници од Западен Балкан кои можат да добијат одобрение за работа. Наместо досегашните 50.000, годишната квота би изнесувала 25.000 работници.

Промената е дел од реформскиот пакет што го подготвуваат CDU/CSU и SPD, а идејата за намалување на квотата беше најавена и минатата година, по склучувањето на коалицискиот договор.

Според таканареченото Правило за Западен Балкан, државјаните на Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Македонија, Албанија и Косово можат да се вработат во Германија со договор за работа.

Правилото опфаќа голем број занимања, вклучително и работни места за кои не се потребни формални квалификации. Исклучок се регулираните професии, како медицината, каде што е неопходно признавање на соодветната стручна квалификација.

Градежниците предупредуваат на последици

Германската градежна индустрија се спротивставува на намалувањето на квотата и предупредува дека таквиот потег би можел дополнително да го зголеми недостигот на работници и да го забави спроведувањето на инфраструктурните проекти.

Централниот сојуз на германското градежништво (ZDB) наведува дека околу 30 отсто од визите преку оваа програма се однесуваат на градежниот сектор.

Според проценките на организацијата, германското градежништво би можело до крајот на годината да остане без околу 8.000 работници доколку квотата биде преполовена.

Од ZDB посочуваат дека странските државјани претставуваат значаен дел од вработените во градежништвото, а Правилото за Западен Балкан е еден од најефикасните начини за привлекување работна сила од земји надвор од Европската Унија.

Голем интерес за работа во Германија

Интересот за визи преку оваа програма е исклучително голем. Квотата за 2025 година била пополнета уште кон крајот на ноември, поради што дел од барањата не можеле да бидат одобрени.

Во исто време, бројот на издадени одобренија ја надминува официјалната квота. Сојузната агенција за вработување минатата година издала околу 105.000 одобренија.

Причината е што поради долгото чекање за виза, секое одобрение не значи автоматски и дека работникот ќе пристигне во Германија.

Податоците на Институтот за истражување на пазарот на трудот и занимањата (IAB) покажуваат дека 98 отсто од луѓето кои дошле во Германија преку оваа програма се вработиле.

Околу 58 отсто од нив работат на позиции за квалификувани работници, специјалисти или стручни кадри, иако поседувањето таква квалификација не е услов за користење на програмата.

Владата го оправдува намалувањето со повисоката невработеност

Германската влада планираното намалување на квотата го образложува со зголемувањето на невработеноста во земјата.

Градежниот сектор, сепак, бара сегашната квота од најмалку 50.000 работници годишно да остане на сила.

ZDB исто така повикува на забрзување и дигитализација на процесот за издавање визи, како и на разгледување можност програмата да се прошири и на работници од други земји.

Од германскиот градежен сектор порачуваат дека станува збор за програма чија основна цел е вработување, а не користење социјални бенефиции. Тие потсетуваат дека Правилото за Западен Балкан било воведено уште во 2016 година од страна на CDU/CSU и SPD.

Извор: M.A./EUpravo zato/biznis.rs