- Advertisement -
КолумниНовостиСветот на работникот

Со сила исплатил минимална плата и К-15, а згора на тоа им дал спогодби на вработените

1.59Kviews

Бобан Илијевски

Трансформирањето на работниот однос од неопределено на определено работно време стана пракса во Македонија во последниве година дена. Работниците се потпишуваат спогодби, иако постојано се апелира да не ги потпишуваат, бидејќи истите се на нивна штета, а не на штета на работодавачите. Тие може да ви понудат, вие имате право да одбиете. Никој не може да ве натера на ништо.

Advertisement

 Ако одреден работодавач сака да го намали бројот на вработени поради економските последици од Ковид – 19, тоа нека го направи преку прогласување на технолошки вишок. Нека им исплати испратнина на вработените кои потоа ќе можат, односно им следува да земаат надоместок од Агенцијата за вработување.

На оваа тема имам пишувано многу пати. И, еве повторно се навраќам на истата, бидејќи има многу работници коишто ми пишуваат и ме прашуваат што да прават во ваква ситуација. Спогодбата е легитимна, односно е според Закон, па ако истата ја потпишете тогаш тоа му доаѓа дека самоволно сте сакале да се трансформира вашиот работен однос од неопределено на определено работно време. Затоа, еве уште еднаш, не потпишувајте никакви спогодби, ниту бланко листови. Воедно би сакал да апелирам до вас, кога ќе склучувате договор за вработување со одреден работодавач, земете си еден примерок за Вас, за да утре ако работодавачот не се држи до договорот, да имате доказ. Денеска се треба да имате на хартија, со потпис, бидејќи не можете на никого да верувате. Еве јас, кога и да треба да земам изјава, неговата или нејзината изјава ја барам на пишано, за да утре имам доказ дека тоа го кажал/ла.

Advertisement
Advertisement

Колку и да ви се прави добар на почетокот работодавачот, колку и да ви се чини дека е еден од добрите, вие пак земете си примероци од договорите, бидејќи вистинското лице може да го покаже после некој период. Верувајте ми, сум го искусил ова и ви го кажувам од прва рака.

Кога сме кај трансформирањето на работниот однос од неопределено на определено работно време, до мене неодамна стигна информација дека уште една текстилна фабрика, овој пат во Штип, им дала на вработените да потпишат спогодби. И знаете што од вкупно 102 вработени, само една вработена собрала храброст да не се потпише. Преку Барање за информации од јавен карактер ги добив записниците од Државниот Инспекторат за труд за оваа фабрика. Инспекторатот утврдил дека работодавачот имал исплатено пониска плата од минималната, а бил корисник на финансиската поддршка со минимална плата и истата ја зел за месеците: април, мај, јуни, октомври и ноември, 2020 година. Инспекторот првобитно му изрекол решение за опомена со определен рок. Контролниот инспекциски надзор покажал дека работодавачот делумно постапил по решението на ДИТ, односно исплатил само дел од износот на вработените и инспекторот му издал решение со утврден рок за постапување. Со третиот инспекциски надзор се утврдило дека работодавачот ги исполнил обврските.

Истиот работодавач не исплатил ниту регрес за годишен одмор (К-15) за 2020 година, по што инспекторот му изрекол казна од 200 евра за фирмата и 150 евра, а работодавачот платил половина од сумата (6,154 денари).

Во Записникот на Државниот инспекторат за труд стои дека по писмена претставка на Здружението на текстилни работници „Гласен Текстилец“ Штип, од 05.02.2021 година, во врска со исплата на регрес за годишен одмор, ДИТ извршил вонреден инспекциски надзор, по што констатирал повредна на членот 35 ст. 1 од Општиот Колективен договор за приватниот сектор, а врз основа на чл. 258 од Законот за работни односи, на работодавачот му изрекол Решение – опомена, со даден рок за постапување.

По истекот на рокот, на 08.03.2021 година, повторно е констатирана повреда врз истиот член од Општиот Колективен договор за приватен сектор и согласно чл. 258 од ЗРО, ДИТ донел инспекциска мерка – Решение наредба со даден рок за отстранување на констатираната неправилност.

Работодавачот не се јавил, ниту го известил ДИТ по истекот на рокот на Решението – Наредба, па ДИТ на 30.03.2021 година извршил контролен инспекциски надзор и увидел дека работодавачот не постапил согласно издаденото Решение.

„За констатираниот прекршок. Согласно член 266 –в од ЗРО, на работодавачот му е понудена Постапка за порамнување и тоа со истовремено издавање на Прекршочен платен налог за правното лице со утврдена глоба сума во износ од 200 евра во денарска противвредност и Прекршочен платен налог на одговорното лице во правното лице со утврдена глоба сума од 150 евра во денарска противвредност, по чие врачување на сторителот на констатираниот прекршок му се укажа дека е должен да ја плати глобата во наведениот износ во прекршочниот платен налог во рок од осум дена од приемот на налогот, на сметката означена на прекршочниот платен список и веднаш да достави доказ за извршената уплата до надлежниот инспекторат“, стои во Решението на Државниот инспекторат за труд.

Понатаму, во Решението стои дека на ден 05.04. 2021 година одговорното лице во субјектот на надзор, по електронска пошта доставил доказ за постапување по Издадените прекршочни платни налози за одговорното лице во правното лице и за правното лице.

Од увидот во Налогот, уплатена е сума во износ од 6,154 денари, односно една половина од утврдената глоба во прекршочен платен налог за правното лица и една половина од глобата за управителот во правното лице. Инспекторот констатирал дека фирмата ја прифатиле понудената постапка за порамнување и постапил по издадените налози во дадениот рок, по што постапката се запира.

Морам да напоменам дека записниците и Решенијата ги поседувам на хартија и од нив се обидов да ви го извлечам она најважното што сметам дека треба да го знаете.

Од ова можеме да заклучиме дек овој работодавач, не исплатил минимална плата на вработените, а не им ни исплатил ниту К-15. И згора на се им дал спогодби на вработените за трансформација на работниот однос од неопределено на определено работно време, иако, како и што посочив погоре, тоа не е против законски, но дали е етички и морално? Тоа треба да го одговори самиот работодавач. На работниците останува да не потпишуваат никакви спогодби и доколку имаат притисоци за да ги потпишат истите, да се обратат до Државниот инспекторат за труд.

Глобите коишто се изречени од страна на ДИТ, а ги пропишуваат законите се сосема друга приказна, и за нив ќе пишувам во друга прилика.

 

Advertisement