НовостиПравдаСветот на работникот

Со 25 гласа „за“ одлуката за субвенции на ЈСП дочекана со аплауз од дел од советниците

   Време за читање 3 минути

Советниците на Град Скопје претходно денеска не успеаја да го усвојат барањето за субвенции за ЈСП – пари со кои вработените во ова претпријатие треба да ги добијат своите плати за декември 2023 година

Советот на Град Скопје на денешната вонредна 14. седница ја донесе одлуката за давање субвенции на Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ за 2024 година во висина од 11 милиони евра.

Во очекување да се изгласа оваа точка, вработените во претпријатието во знак на протест поради неисплатената декемвриска плата, утрово во 9 часот прекинаа да сообраќаат по скопските улици.

Барањето за доделување субвенции овој пат го поддржаа 25 члена на Советот, а немаше советници кои беа воздржани или кои гласа „против“.

Оваа одлука беше дочекана со аплауз од дел од советниците.

Советничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Андоновска, пред да бидат ставени на гласање амандманот и одлуката за субвенции рече дека треба да се даде можност советниците да го посетат ова претпријатие и да можат да ги видат со кои проблеми се соочува.

„Да видиме со што се соочувате за да можеме да ви помогнеме. За да не ни дојдете пак после еден или два месеца и повторно со истото да се соочуваме“, рече Андоновска.

Пред да се гласа за доделување на субвенциите, советниците од ВМРО-ДПМНЕ се обидоа да ги намалат субвенциите на една третина од предвидените преку амандман, но тоа не беше прифатливо за другите советници и за градоначалничката Данела Арсовска.

Според нив, на тој начин ќе има пари за претпријатието само за неколку месеци, а повторно ќе се создаде кризна состојба пред избори, без можност да се доделуваат дополнителни пари. 

Градоначалничката Данела Арсовска рече дека луѓето чекаат да биде изгласана оваа одлука, за буџетски средства кои веќе се предвидени во буџетот за оваа намена.

„Жално, срамно. Скопјани не го заслужуваат ова што го правите“, рече Арсовска.

Амандманот не беше усвоен, од 39 присутни советници, „за“ гласаа 14, а тројца беа „против“.

Советниците на Град Скопје претходно денеска не успеаја да го усвојат барањето за субвенции за ЈСП – пари со кои вработените во ова претпријатие треба да ги добијат своите плати за декември 2023 година.

Барањето за доделување субвенции го поддржаа 22 члена на Советот, 11 гласаа „воздржано“, а советници кои се изјаснија „против“ немаше.

За да поминеше барањето за субвенции, за него требаше да гласаат 23 од вкупно 45 советници, колку што брои Советот на Град Скопје, односно одлуката не беше донесена за еден глас.

Претседателот на Синдикатот на ЈСП, Миќо Стојановски, претходно најави дека доколку денеска не се одржи дополнителна седница на Советот на Град Скопје, тогаш нема да има ниту автобуси на скопските улици.