МакедонијаСветот на работникотСиндикат

ССНМ ја поздравува одлуката на Владата за помош за вработените во медиумите

187views

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници ја поздравува одлуката на Владата да го прифати барањето за субвенционирање на придонесите за социјално и пензиско осигурување за вработените во медиумите . Според уредбата усвоена на владината седница одржана на 10 јуни, вработените во медиумите ќе бидат ослободени од целосно плаќање на придонесите за јуни, јули и август . Оваа мерка важи за медиумите и медиумските куќи, телевизиите, радиодифузерите, печатените медиуми, како и електронските интернет портали кои меѓудругите ќе исполнат неколку основни услови: медиумите кои ги намалиле платите на вработените во кризата да ги вратат на ниво пред почетокот на вонредната состојба; да немаат отпуштено ниту еден вработен поради кризата; да имаат најмалку тројца вработени на неопределено време и да не отпуштаат за време на користење на помошта .

ССНМ своето барање до Владата за оваа мерка го темелеше на три принципи – начелото дека само социјално и економски обезбедени медиумски работници може професионално да ја вршат својата задача – навремено, точно и објективно да ја информираат јавноста, како и фактот дека целта на секоја економска помош треба да бидат самите вработени, односно подобрување на нивната социјално-економска положба . Третиот принцип се однесува на фактот дека новинарите и медиумските работници од почетокот на кризата се на фронтот во борбата против вирусот .

Напоменуваат, дека идејата за оваа помош произлезе од податоците дека сите други економски мерки кои се однесуваа на медиумите не успеаа докрај да ја постигнат целта, бидејќи и покрај нив платите на вработените во многу медиуми беа намалени, а во одредени беа забележани и отпуштања .

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници смета дека ова е важен чекор кон подобрување на работничките права на новинарите и медиумските работници и дека заедничката солидарност и самоорганизираност покажува дека можеме да се избориме за поголемо унапредување на стандардот и нашите работнички права .

Овој пример покажува дека заштитата на правата на вработените е во полза на медиумите и, следствено, на нивните сопственици и затоа за нас останува нејасна праксата на обесхрабрување на вработените синдикално да се организираат од страна на некои сопственици на медиуми .

Апелираат до колегите новинари и медиумски работници да пријавуваат и до нас и до надлежните државни органи какви било прекршувања како на оваа уредба, така и на сите други работнички права кои произлегуваат од Законот за работни односи .

Истовремено, повикуваат на професионално, точно и навремено известување, односно почитување на новинарските стандарди и кодекс, нешто што е од особено големо значење во кризи како пандемијата со Ковид-19 .

Advertisement