МакедонијаНовостиСветот на работникотСиндикат

Судскиот совет незадоволен што нема да им се зголемат платите, ја оспорија уставноста на изменетите закони

   Време за читање 3 минути

Иницијативата на Судскиот совет за уставноста за промена на коефициентите за нивните плати, Конфедерацијата на слободни синдикати ја нарекува срамен чин. Велат дека со законските измени на членовите на Судскиот совет само им е минимизирано зголемувањето на платата, додека со идното усогласување на просечната плата во земјава повторно ќе имаат зголемување според коефициентот намален за само половина поен, кој беше 3,7 -4,0, а сега стана 3,2 до 3,4. Благоја Ралповски, од овој синдикат, рече дека законот стапил на сила во Собранието и дека судиите наместо да се жалат на платите, да ја вршат работата за која земаат плата.

„Со следното зголемување според просечната плата во март 2025 година повторно ќе имаат зголемување. Ова беше трик што го направија во Собрание, но судиите и сите останати функционери не се грижат за нас работниците, прво на вработените во судството не им е исплатено зголемување на платата, со образложение дека нема доволно пари во буџетските судови, додека тие самите си ги зголемија платите. Не беше испочитуван членот 8 од Законот за минимална плата, каде што платите требаше да се усогласат според колективните договори за 6 месеци“, изјави Ралповски.

Уште полоша е работата во Јавното претпријатие „Македонски шуми“ каде 2.000 работници штрајкуваа бидејќи се уште не им се исплатени јануарските плати, додека рокот за февруарските плати е 15 март. Штрајкот започна, но сепак не им ги дадоа платите со кои се издржуваат нивните семејства.

Од Сојузот на синдикати на Македонија велат дека во времето кога не се исплатувала платата за вработените, дирекцијата пред неколку дена распишала тендер за набавка на нови службени автомобили.

„Вработените, за жал, два месеци немаат земено плата. Последните што го добиле линеарно им е намалено за 6.800 денари. Состојбата е неподнослива во овие услови на криза и зголемени трошоци за живот. Луѓето работат секој ден и не добиваат плата! Нашите колеги од „Македонски шуми“ пред три дена донесоа решение дека денеска штрајкуваат за редовна исплата на платите. Очекувам раководството на оваа компанија денеска да се освести и да ги исплати нашите колеги“, изјави Слободан Трендафилов, Сојуз на синдикати на Македонија.

Пакетот од 6 одобрени закони, со кои се регулираат платите на функционерите, според синдикалците, е направен за да се ублажи револтот на граѓаните, кои беа против зголемувањето на платите на функционерите за 78 отсто. И ова сега беше заборавено откако со законските измени се намали коефициентот на плата за да не се зголемат платите на 1060 избрани и именувани функционери за 15 отсто повеќе. 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *