Uncategorised

„Тука нема стабилна работа за нас“

   Време за читање 2 минути

Над 40 % од младите во Македонија и Босна и Херцеговина не веруваат дека ќе најдат стабилна работа. Ова го покажува новата студија на германската Фондација „Фридрих Еберт“. Една од главните причини за ваквите размислувања на младите е договорот за вработување, кој најчесто е на определено време од еден или неколку месеци. Откако договорот ќе истече, работодавачот може истиот да го прекине и да не сноси никакви последици за тоа. Исто така, друга голема причина е и тоа што кога некој треба да добие отказ, младите се први на мета, токму поради тоа што имаат вакви договори.

Поради сето ова младите не веруваат во стабилна работа, па се решаваат среќата да ја побараат во земјите од Западна Европа, каде што стабилноста на работата е прашање кое е надминато.

Вчера за The European Correspondent објавив текст токму на оваа тема. Уредничката, која е од Босна (каде младите се соочуваат со слични проблеми на ова поле како и нашите), побара неколку коментари од млади луѓе на прашањето: зошто не веруваат дека ќе најдат стабилна работа? Еве еден од нив:

„Без разлика на тоа колку добро да ја извршуваш твојата работа, ништо не гарантира повеќе стабилност “, рекол 25-годишен Босанец. „Еднаш, добив отказ една недела откако бев унапреден поради тоа што менаџерот одлучи да ја преструктурира целата организација. ‘Не е до вас, до мене е’, ни рече“, раскажа младиот човек.  

На ова, како и еден куп други млади луѓе во Македонија, можам да се надоврзам и јас. Уште пред да почнам да се занимавам со новинарство, работев во играчница, каде што земав дневница од 800 денари и некогаш се случуваше да работам и по цел ден, притоа немав никаков договор, а со тоа и никаква сигурност. За среќа, заминав пред газдата да ме замени со друг работник, бидејќи најдов друга работа.

Ќе мора да се стави крај на ваквите лоши искуства на младите доколку сакаме да ги задржиме тука, во спротивно, ќе продолжиме да го губиме човечкиот потенцијал.

Бобан М. Илијевски

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и главен и одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk.