ЕкономијаНовости

 Фајнанс Тинк: Колку нè чинеше кризата со цените на храната и енергијата?

   Време за читање 5 минути

Целта на оваа студија е да изврши преглед на фискалниот простор на земјите од Западен Балкан, кој беше значително затегнат како резултат на кризата со цените на енергентите и храната. Преку приказ на динамичните движења на буџетските дефицити и јавниот долг, беа извлечени трендови за време на претпандемискиот период, пандемијата со COVID-19, како и за скоршената енергетска криза и криза со цените на храната. Умереното задолжување и делумно стабилните буџетски дефицити пред пандемијата овозможија владите од Западен Балкан да обезбедат голема буџетска поддршка за справување со пандемиската криза во 2020 и 2021. Иако знаци на заздравување беа видливи во 2021, фискалниот простор дополнително се влоши како резултат на гео-политичкиот конфликт помеѓу Русија и Украина. Фискалната консолидација ќе биде клучна за следниот период како на расходната, така и на приходната страна. Потребно е да се зголеми наплатата на даноците со сузбивање на сивата економија, и да се намалат јавните издатоци, особено оние наменети за нетаргетирана поддршка.

За разлика од фискалната експанзија во пандемискиот период во 2020 и 2021 година, резултатите покажуваат дека за време на енергетската криза и кризата со цените на храната, можноста за имплементација на фискални пакети е значително ограничена поради намалениот фискален простор. Со други зборови, доколку земјите од Западен Балкан воведат поголеми антикризни пакети за време на тековната криза, тоа би влијаело врз фискалниот простор во поголема мера отколку за време на претходните кризи. Оттука, неопходно е буџетските резерви да се градат за време на некризни периоди, со цел да се обезбеди простор за интервенција кога е најпотребно.

Енергетската криза ги истакна слабостите на енергетскиот сектор во Западниот Балкан, и оттука, оваа студија дава осврт и на енергетскиот сектор, преку анализа на регионалните инвестиции во енергетиката како и мерките што ги воведоа владите од Западниот Балкан за справување со енергетската криза. Позитивен исход од овој период е фактот што во среднорочните фискални стратегии на земјите од Западен Балкан се предвидуваат и поголеми инвестициски планови за развој на енергетскиот сектор, што се клучни за спречување на идни шокови од ваков тип, како и за намалување на дополнителниот притисок врз фискалната политика.

Во сегментот за Северна Македонија, дополнително беа проценети субвенциите за електрична енергија, и преку квантитативна анализа беше анализиран нивниот ефект врз јавните буџетски расходи. Прогласувањето Енергетска криза од крајот на 2021 натаму овозможи ЕСМ да продава струја на универзалиот снабдувач по цена пониска од пазарната, со што се субвенционираа сметките на приближно 611.000 домаќинства и 68.000 мали потрошувачи. Со тоа, ЕСМ обезбеди 100% од електричната енергија на регулираниот пазар по субвенционирана цена. Разликата во цената на електричната енергија помеѓу индустријата и домаќинствата во Северна Македонија забележа драматичен раст во 2022. Оттука, согласно разликата на цената на електричната енергија помеѓу индустријата и домаќинствата, беа проценети субвенциите одвоени за домаќинствата за време на енергетската криза.

Во 2022, субвенциите за електрична енергија за домаќинствата достигнаа 3.2% од БДП или 9.2% од јавните расходи. Сепак, во првата половина од 2023 година, се забележува нивно значајно намалување. Наодите од студијата укажуваат на потенцијално истиснување на расходите за здравство и социјална заштита, како резултат на зголемената буџетска поддршка за субвенции за електрична енергија. Односно, зголемување од 1 процентен поен на субвенциите за електрична енергија (изразени во % од БДП) е поврзано со намалување на јавните расходи алоцирани за здравството и социјалната заштита од 0.87 до 0.93 процентни проени и 2.07 до 2.26 процентни поени од БДП, соодветно.

Овој наод е особено релевантен имајќи го предвид тесниот фискален простор во Северна Македонија, иако процесите на фискална консолидација се започнати. Ослободувањето на буџетскиот простор од прекумерните субвенции за електрична енергија, може да обезбеди простор за структурни реформи и инвестиции во поквалитетни јавни услуги и таргетирани мерки за најранливите категории на граѓани. На ова се надоврзува и потребата од зголемување на енергетските капацитети и намалување на зависноста од увоз, што ќе придонесе кон долгорочна отпорност и предвидливост, покрај можни предизвици што би следеле во иднина.

Дополнително, потребно е да се обрне внимание на потенцијалното истиснување на јавните здравствени и социјални расходи, како резултат на зголемените субвенции за електрична енергија кои нудат привремено решение, без долгорочен бенефит. Оттука, важно е нивното намалување да се разгледа не само од буџетска перспектива, туку и од перспектива на долгорочен економски и социјален развој кој може да се постигне преку поголеми инвестиции во подобрување на инфраструктурата и услугите во јавниот сектор.

Препораките од студијата одат во насока на заштита на ограничениот фискален простор во следниот период преку намалување на субвенциите за електрична енергија до крајот на 2024, придружено со директни трансфери за најранливите домаќинства, што ќе овозможи фискален простор за повеќе и поквалитетни други јавни услуги, како и зголемени инвестиции во енергетскиот сектор, придружено со подобрена енергетска ефикасност на страна на потрошувачите.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *