НовостиСветот на работникот

ФЕДЕРАЛНАТА АГЕНЦИЈА ЗА ВРАБОТУВАЊЕ НА ГЕРМАНИЈА ЗА РАБОТНИК: На оние кои одбиваат работа, надоместокот од државата им се суспендира или намалува

   Време за читање 5 минути

Преквалификацијата на невработените лица за потребите на бизнис секторот е тема којашто се провлекува долги години во Македонија. Во последниве неколку години компаниите сѐ повеќе ставаат акцент на ова, бидејќи има голем недостиг на кадар.

Дел од организациите на работодавачи велат дека невработените одбиваат да се вработат или да се преквалификуваат затоа што не сакаат да ја изгубат социјална помош, па затоа во многу случаи работат на црно.

Со оглед на тоа што Германија важи за една од најголемите европски економии, каде што многу нашинци одат да работат (податоците велат дека таму има 222,000 македонски граѓани), оваа држава ја зедовме како репер за тоа како функционира системот за преквалификација на невработените кои се приматели на некој вид помош од државата.

Редакцијата на порталот Работник ги испрати следните прашања до Федералната Агенција за вработување на Германија: Како Германија се справува со невработените лица кои одбиваат работа или можност за преквалификација? Како функционира системот на надоместоци за невработени? Дали луѓето кои одбиваат работа или преквалификација престануваат да земаат надоместок за невработеност? Како државата го стимулира невработените да прифатат работа или да се преквалификуваат?

И за разлика од нашата Агенција за вработување која сѐ уште ни нема одговорено на прашања во врска со друга тема, од Федералната Агенција за вработување ни одговорија следниот ден откако им ги испративме прашањата.

Во одговорот, од службата за односи со јавност на Агенцијата ни објаснија дека социјалниот систем во Германија се базира на две нивоа: Бенефиции за невработеност (Arbeitslosengeld) и Бенефиции за граѓани (Bürgergeld).

Бенефиции за невработеност им следуваат на оние кои ќе ги исполнат следните критериуми:

  • Да бидат невработени;
  • Да биле во работен однос подлежен на придонеси од социјално осигурување; и
  • Да се пријават како невработени лично во Агенцијата.

Бенефициите за граѓани се државни надоместоци кои се даваат доколку лицето нема финансии за да ги покрие трошоците на живот. Ова може да биде случај доколку истото е невработено или има мала заработка. За исплаќање на овој надомест, задолжени се центрите за работа.

И во двата случаи, примателите на бенефициите се обврзани да соработуваат. Тоа значи дека во поголемиот дел од случаите мора да прифатат понуда за работа или понуда за преквалификација, велат од Федералната агенција за вработување.

Невработените кои примаат некој вид на помош можат да одбијат понуда за работа во првите три месеци, доколку платата е значајно помала од таа што ја земале на претходното работно место. Откако ќе изминат тие три месеци, тие мора да ја прифатат таа работа. Во случај да ја одбијат, агенциите за вработување можат да ги суспендираат паричните средства на неколку недели.

Оние кои примаат бенефиции за граѓани мора да прифатат било каква работа која ќе стави крај на потребата од државна финансиска помош. Доколку одбијат работа, центрите за работа можат да го намалат износот на надоместокот.

Ние разговараме со примателите на овие надоместоци дали можат и сакаат да се преквалификуваат. Не ги тераме да го направат тоа, оти тоа нема смисла. Но еднаш кога ќе кажат дека сакаат да се преквалификуваат, обврзани се на тоа. Ако одбијат, агенциите за вработување можат да ги суспендираат бенефициите за невработеност, а центрите за работа да го намалат износот на бенефициите за граѓани, ни рекоа од Федералната Агенција за вработување на Германија.

Во ситуација кога некои од корисниците на бенефициите се плашат да стекнат нови вештини, можеби поради лошото искуство од образовниот систем или други причини, Германија им нуди можност за стекнување на делумни квалификации.

На овој начин, тие можат пополека, чекор по чекор да се стекнат со вештини, а можеби и да завршат обука и да се стекнат со професионална квалификација, рекоа од Агенцијата.  

Сепак, за разлика од нашата Агенција, која според некои извештаи, е само биро за водење на статистика, Федералната агенција ја извршува својата должност – се грижи за вработливоста на невработените и ги стимулира да се вработат или преквалификуваат за друга работна позиција. Ова го докажуваат податоците за стапката на невработеност во државата која изнесува 5,7 %. Инаку, Германија е земја која има над 83 милиони жители.

Бобан М. Илијевски

Новинар за работни односи, човечки ресурси и кариера