„ФИКТИВНИ ОЗДРАВУВАЊА“: РАБОТОДАВАЧИТЕ БАРААТ И ТИЕ И СТОПАНСКИТЕ КОМОРИ ДА БИДАТ ВКЛУЧЕНИ ЗА ДА СЕ СПРЕЧИ ЗЛОУПОТРЕБАТА НА БОЛЕДУВАЊАТА
- ИНТЕРВЈУ – Димитров: Ако се зголемат платите бизнисот ќе треба да крати од повисоките и да ги отпушта слабите работници за да ги исплати - 03/09/2024
- ИНТЕРВЈУ СО ДАНЧЕ АЗМАНОВА МИРЧЕВСКА: „Зборувањето за подобрувањето на условите за родителите не е доволно, потребно е преземање акции“ - 02/09/2024
- Прогнозата дека увезените работници ќе бегаат од Македонија се оствари, дали ќе се оствари и ова? - 03/08/2024
Работодавачите од земјите од регионот на големо го отвораат проблемот со злоупотребата на боледувањата. Неодамна, Унијата на работодавачи на Црна Гора посочи дека потребни се законски измени и решенија за сузбивање на ваквите злоупотреби.
Што велат македонските работодавачи?
Според Ангел Димитров, Претседател на Собранието на Организацијата на работодавачи на Македонија, злоупотребите на боледувањата се присутни и во нашата држава исто како и во околните држави.
Правото на лекарот да издаде боледување на работникот кој е неспособен за работа поради болест или повреда многу често се злоупотребува. Ова се случува како во приватниот, така и во јавниот сектор. Се сеќаваме дека во време на коронавирусот одредени доктори се „разболеа“ на почетокот на кризата и нивното боледување траеше се до престанокот на опасностите од вирусот, рече Димитров.
Работодавачите, како што вели нашиот соговорник, се борат со овој проблем, но немаат многу успех, затоа што правото на докторот да одлучи дали некој е болен или не, се смета за неприкосновено.
Осврнувајќи се на Законот за работни односи, Димитров вели дека истиот предвидува само една можност за работодавачите која е наведена во членот 112, став 3 кој вели: “Во случај на отворање на ново боледување во рок од три дена од престанокот на претходното боледување, работодавачот има право да побара од првостепената лекарска комисија да го потврди новото боледување или да го продолжи прекратеното старо боледување.“
Со ова не успеа да се скратат т.н. „фиктивни оздравувања“, кои се прават со цел товарот на исплатата на боледувањето да падне на работодавачот, а не на Фондот за здравство. Работодавачите ретко ја користат оваа можност од законот, а докторите наместо 3 дена, новото боледување можат да го издадат и после 5,6 или 10 дена и пак работодавачот да го исплаќа боледувањето, истакна Димитров.
Нашиот соговорник алармираше и на уште една неправилност која е застапена. Според него, честопати докторите и првостепените комисии, кога имаат информација дека фирмата ќе користи годишен одмор, го скратуваат боледувањето на работникот и го насочуваат да земе годишен одмор, со што следното боледување до 30 дена паѓа на товар на работодавачот иако е јасно дека работникот не оздравел и требало да продолжи да го користи боледувањето.
Злоупотреба, како што вели, вршат и првостепените и второстепените лекарски комисии, кои, според неговите зборови, изнаоѓаат некои нивни „непишани правила“ со кои боледувањето го префрлаат на товар на работодавачот, а на фондот.
Тоа се случува кога работник поднел барање за инвалидска пензија и ако добил негативно решение од Инвалидско – пензиската комисија (ИПК), второстепената комисија му го прекратува боледувањето и ѝ наложува на првостепената комисија после 30 дена да му издаде на работникот ново боледување со иста дијагноза. Или случаите кога работникот не доставил комплетна медицинска документација до првостепената лекарска комисија за продолжување на боледувањето. И во овој случај, првостепената комисија донесува мислење со кое одобрува издавање на ново боледување со иста дијагноза после 30 дена. На овој начин, не само што товарот се префрла на работодавачот, туку му се прави проблем и на работникот кој болен ќе треба да доаѓа на работа. Работодавачите во вакви случаи на работникот најчесто му издаваат решение за користење на годишен одмор, бидејќи се свесни дека работникот не е способен да оди на работа.
Ако сакаме овој проблем да се намали, ќе биде потребно да се зголеми одговорноста на лекарите и лекарските комисии, а во истите да има членови и од работодавачите и стопанските комори, рече Димитров.
Работниците кои го злоупотребуваат боледувањето, најчесто тоа го прават од проста причина што не сакаат да одат на работа или за да можат привремено да работат на друго место.