Форум за жени во економијата: нивното учество е клучно за општествен развој
Денес, Институтот за економски истражувања и политики „Фајнанс тинк“, со поддршка од Британската Амбасада во државата, организираше економски собир на тема: „Зајакнување на работоспособните жени: Стратегии за отклучување на потенцијалот и зголемување на продуктивноста“.
Заменик-амбасадорот на Велика Британија, Даниел Филер, во своето воведно обраќање за вклученоста на жените во економијата, нагласи дека општествата се побогати и имаат помал степен на насилство врз основа на пол кога жените се еднакви. Како што рече тој, учеството и придонесот на жените е од витално значење за напредокот на општествата.
„Од работата на која што сме горди што ја поддржавме тука, видовме дека бројките поврзани со учествата на жените во политичкиот живот и во економијата во Северна Македонија се значително пониски отколку од останатиот дел од Европа.“
Тој додаде дека клучниот факт е дека вработеноста кај жените во Северна Македонија е пониска од онаа во Европа, со само 38,3 проценти од жените кои учествуваат на пазарот на трудот. Исто така, само 41 процент од жените во Северна Македонија имаат право на државна пензија. „Тоа значи дека само половина од работоспособните жени се вработени и можат да ги почувствуваат придобивките што ги носи вработеноста“, рече Филер.
Тој изрази задоволство што заедно со Министерството за образование и наука подготвиле проект за кариерно советување, бидејќи, според него, изборот на кариера е уште еден од предизвиците за жените.
Министерката Весна Јаневска изјави дека клучно за подобрување на состојбата на жените на пазарот на трудот е образованието, бидејќи „силна жена претставува силно општество“.
„Во рамки на реформите на образованието, со цел да одговори на барањата на пазарот на трудот, посебно внимание посветуваме на зголемување на пристапот на девојчињата кон стручните знаења и вештини, затоа што, не само што по завршувањето на средното образование нудат сигурна работа, туку и го олеснуваат нивниот упис на СТЕМ, ИКТ и техничките студиски програми“, рече Јаневска.
Во однос на кариерното советување во училиштата, чија цел е девојчињата да ги идентификуваат своите таленти, способности и потенцијали, Јаневска посочи дека тоа е алатка која ќе им помогне да изберат професии кои ќе значат нивна реализација, а ќе донесе и позитивни промени во општеството.
„За оваа цел, во Законот за основно образование предвидовме училиштата да реализираат програма за професионална ориентација на учениците, а во средните училишта ќе има кариерни советници. Европската тренинг фондација ќе ни помогне во нивната обука за стекнување соодветни компетенции“, појасни Јаневска.
Проф. Марјан Петрески, кој на форумот претстави студија и наоди, изјави дека тие биле насочени кон еден аспект на продуктивноста каде што се постигнуваат резултати со инвестирање во т.н. меки вештини.
„Таа е стагнантна во нашата економија, приближно опфаќа она што ние го создаваме како вредност и потоа главното прашање е како тоа го распоредуваме преку системот на плати. Значи, до поголема плата може да дојдеме само преку поголема продуктивност односно преку поголема додадена вредност. Ние се фокусиравме на една индустрија и таму спроведовме интервенција која се однесува на градење на меките вештини на работниците. Станува збор за текстилната индустрија каде што дополнителен аспект е дека таа е доминирана од жени, што значи дека се интересираме и за тоа како порастот во продуктивноста ќе затвори некои јазови помеѓу мажите и жените. Отприлика резултатите се дека инвестиција во меки вештини на таа компанија ќе и донесе зголемување на продуктивноста што се претвора во поголем приход годишно“, изјави Петрески.
Според наодите, жените биле поотворени за новите вештини и таму е забележан поголем скок во продуктивноста. Тоа значи, рече Петрески, дека „такви интервенции имаат сила да ги затворат родовите јазови во платите и, генерално, пошироко родовите јазови на пазарот на трудот во Македонија“.
- Неделков: Некои работи не се забораваат така брзо и лесно! - 17/04/2025
- ЛЕГЕНДАТА НА ГЕРМАНСКАТА АВТОИНДУСТРИЈА ОДИ ВО БАНКРОТ: Ги затвараат сите филијали по 92 години работа - 17/04/2025
- КРИМИНАЛНА ШЕМА ВО ХРВАТСКА: Над 100 странци вработени со фалсификувани документи, меѓу нив и Македонци - 17/04/2025