Храната не поевтинува само во Македонија, кој се богати врз грбот на народот?!

Трендот на поевтинувањето на храната, што се забележува на светките берзи во последните месеци од минатата година, сѐ уште нема никакво влијание на цените во домашните маркети и зелени пазари. Податоците на Организацијата за храна и земјоделство на ОН за тоа дека во ноември 2021 година храната на светските берзи била пониска за 17 отсто отколку во март, не е доволен „аргумент“ за македонските трговци и преработувачи на храна за надолно коригирање на цените на производите од жито, месо и млеко.

Така, македонските граѓани се принудени да плаќаат повисоки цени за основните прехранбени производи, во однос на жителите во другите соседни земји. Потврда за тоа се и податоците на Државниот завод за статистика, кои покажуваат дека трошоците за живот во ноември биле за 19,5 отсто повисоки од истиот месец минатата година.

Според Еуростат, повисока инфлација во Европа имаат само Унгарија и балтичките држави – Естонија, Литванија и Летонија, каде што инфлацијата е меѓу 21 и 22 проценти. На Балканот, инфлацијата во Босна и Херцеговина е над 17 отсто, во Црна Гора нешто помалку, во Србија околу 15 проценти, во Бугарија 14,8, во Хрватска речиси 13, во Словенија околу 11, во Грција 9, а во Албанија околу осум отсто.

За намалување на цените на храната засега не влијаеше и одлуката на Владата за субвенционирана цена на струјата од 80 евра за мегават-час за производителите од пекарската и млекарската дејност. Оправдувањата на производителите и на трговците со храна беа дека е потребно време да се потрошат резервите што биле набавени по повисоки набавни цени. Намалувањето на цените, кое беше најавено дека ќе достигне и до десет отсто, не се оствари, а граѓаните мораа да пазарат по високите цени и за време на новогодишните празници.

Економскиот истражувач Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт за меѓународни економски студии, како причина за ваквата „непазарна“ состојба на домашниот пазар на храна ја споменува „алчноста на трговците“, кои ја искористија ситуацијата и неоправдано ја зголемија цената.

– Тоа е главна причина за тоа што Македонија има една од највисоките стапки на инфлација во Европа. Само за илустрација, во последните седум месеци, од март досега, цените на храната во Македонија се зголемени за околу 33 отсто, а глобалните цени на храната, според индексот на ФАО (Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации), се намалени за 15-16 отсто. Значи на меѓународните берзи во светот, во последните седум месеци има намалување на цените на храната, а во Македонија има покачување на цените на храната – изјави Јовановиќ.

Економистите наведуваат и други фактори при анализирањето на високата стапка на инфлација во Македонија. Пред сѐ, производителите на храна, со цел да се заштитат од идни непредвидливи и високи стапки на инфлација, се обидуваа во конечната цена на производите да вкалкулираат и повисоки „трошоци“ за да се заштитат од загуби. Од друга страна, граѓаните, кои се загрижени за сопствениот стандард и прават поголеми резерви на храна, ја зголемуваат побарувачката за храна и на тој начин влијаат врз поскапувањето.

Претставниците на монетарната политика во Македонија како важен фактор за високите цени на храната и на инфлацијата ја сметаат структурата на економијата во земјата, која има константен недостиг од евтина енергија и суровини од домашни извори. Други економисти посочуваат дека отвореноста на македонската економија, исто така, е една од причините за високата инфлација.

За да го намали притисокот врз цените на храната, Владата воведе ограничување на маржите на основните прехранбени производи, но по укинувањето на мерките цените драстично се зголемија. Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи предупреди дека има вештачко зголемување на цените, а маржите за одредени производи скокнале над 70 отсто. Дополнително, Владата ја намали цената на струјата за прехранбената индустрија со надеж дека ќе придонесе за поевтинување на храната, но ефектот на мерката е недоволен, односно не е според очекувањата на поголемиот број граѓани.

По Нова година, надлежниот пазарен инспекторат е на терен и проверува дали се почитува ограничувањето на маржите на дел од основните прехранбени продукти. Оваа седмица ќе се проверуваат сите трговци во делот на продажба на храна. Во меѓувреме многу производители и трговци со храна излегоа со тезата дека, наводно, се стабилизираат цените на храната, што во суштина е одвлекување на вниманието во погрешна насока, бидејќи граѓаните очекуваат драстично намалување и пад на цените, а не нивна стабилизација, односно останување на сегашните високи цени. Таквото нешто дополнително остава простор за екстра профит на трговците на штета на граѓаните.

Извор: Експерс.мк