Цените поскапуваат, но некако се чини дека и производите повеќе губат на тежина

Автор: Бобан Илијевски

Невидена скапотија. Вака може да се оцени моменталната состојба во маркетите. Дури и малите чоколади што порано беа по 8,9 или 10 денари поскапеа на 14 или 15 денари.

Знам дека чоколадите не се едни од најпотребните намирници, но се сеќавам дека кога бев малку помлад, односно пред неколку години, со 100 денари купував десет мали чоколади. Денес, со тие пари можеш да купиш помалку од половина.

Да не зборуваме за основните прехранбени производи чиишто цени постојано се зголемуваат. Ова го покажуваат и податоците на Државниот завод за статистика, според кои инфлацијата во октомври изнесувала 19,8 %, иако во реалност, претпоставувам, дека таа е зголемена за многу повеќе.

Синдикалната кошница за октомври изнесува над 51,000 денари, но ќе кажам повторно, во реалност е поголема од пресметаната.

Владата донесе некои мерки за да помогне да се стабилизираат цените, но дали ќе бидат доволни ќе покаже времето и ќе каже народот кој секојдневно оди да пазари по маркетите.

Уште едно нешто што треба да се земе во предвид е скриената инфлација, којашто е исто така голема. Просто кажано, скриена инфлација настанува кога наместо да растат цените, се намалува тежината на производите. На пример, 850 грама зејтин се продава колку за еден литар.

За растот на скриената инфлација најголеми виновници се произведувачите и маркетите. За да истата се спречи, инспекциските служби треба повеќе да вложат напор во детектирање и санкционирање на оние кои го прават ова.

Голем дел од граѓаните знаат дека плаќаат еден килограм, а земаат 800 грама, но тие не би можеле ништо да направат, освен да не одат во маркети каде што се производите се подложни на скриена инфлација.

Пребарувајќи за скриената инфлација пронајдов една изјава од страна на Организацијата на потрошувачи на Македонија која датира уште од 2016 година, а истата ја пренесува порталот Денар. Сепак, со оглед на тоа дека на истата не ѝ “поминат рокот“, во продолжение ви ја пренесувам:

Граѓаните мора да бидат навистина внимателни. При пазарење не треба да се гледа само цената и марката туку и тежината и содржината. На пакувањата грамажата треба да се врзе со единицата мерка, за да може да се види дали тоа што се купува е поевтино или поскапо. На пример, ако на кесичката пишува дека содржи 400 грама, треба да се назначи колку чини килограм, за да можат потрошувачите полесно да се снајдат.

Бобан Илијевски е главен и одговорен уредник на порталот Работник и е еден од ретките новинари во Македонија специјализирани за областа на работните односи.

Бобан Илијевски

Бобан Илијевски е главен и одговорен уредник на порталот Работник и е еден од ретките новинари во Македонија специјализирани за областа на работните односи.