Штрајк на јавниот сектор ако нема усогласување на платите(ВИДЕО)
Штрајк на јавниот сектор доколку не се усогласат колективните договори со минималната плата.
Членството силно ни врши притисок да го радикализираме нашето делување и да стапиме во штрајк, поради порамнувањето на платите коешто се случи со зголемувањето на минималната плата на 18,000 денари. Ова го рече првиот човек на КСС Благоја Ралповски, на денешната прес – конференција.
КСС го поддржува зголемувањето на минималната плата, но бара и усогласување на колективните договори
Нагласи дека КСС го поддржува зголемувањето на минималната плата, најмногу поради растот на цените на основните прехрабени продукти.
КСС, како што вели, изминатите месеци на седниците на Економско – социјалниот Совет му давал цврста и недвосмислена поддршка на ССМ.
Доколку не се усогласат колективните договори со порастот на минималната плата, не е се исклучува стапувањето во штрајк.
Ралповски потенцираше дека кога се одлучувало за минималната плата на состаноците на Економско – социјалниот Совет, нивните барања биле отфрлени. Истите се однесувале токму на спроведувањето на Законот за минимална плата.
Добивме одговор дека можеме подоцна да ја отвориме оваа тема и да бараме решение за настанатиот хаос со платите во јавниот сектор, но не денес и на овие состаноци.
Мораме да предупредиме дека потребата од почитување на законите и колективните договори мора да биде вчера и сега, затоа што ако работниците од јавниот сектор во април ја добијат мартовската плата без усогласување, ќе настане голем хаос, истакна Ралповски.
На некои работни места платите ќе се порамнат пет позиции
Тој објасни зошто би настанал хаосот со платите:
Во државната и јавната администрација, помлад референт во моментот има основна плата од 13,848 денари. После него имаме референт, Виш референт и самостоен референт којшто со највисоко звање со средно образование има основна плата 16,848 денари.
Доаѓаме до ситуација, во детска заштита или градинки неколку позиции на работни места по коефициент на сложеност да бидат израмнети. Најтрагичното е што негувателките во градинките ќе земаат минимална плата.
Потоа, помлад полицаец, полицаец, виш полицаец, самостоен полицаец и главен полицаец коишто се на распон со бодови од 510 до 600. Тие ќе имаат иста основна плата и ќе се случи порамнување на пет позиции.
Во терцијалното здравство, медицинска сестра со средно образование која треба да зема плата според коефициентот на сложеност во Колективниот договор, над 45,000 основна плата, во моментот зема плата од 22,722 денари.
Докторите по медицина на клиника во терцијалното здравство имаат плата од 35,756 денари, а според коефициентот на сложеност по Колективен договор треба да имаат плата од 72,270 денари.
Наставник во основно училиште има плата од 24,700 денари и во средно, од 25,800, а според коефициентот на сложеност во колективниот договор треба да има 44,000 и 45,000 денари.
Во овој момент донесовме одлука за зголемување на платите на 78,648 работници, рече Ралповски. Додаде дека тоа се неполни 10 % од вработените во државата.
Убедени сме и јавно кажуваме дека оваа мерка ќе важи за уште 15 до 16,000 работници. Зошто е тоа така? Затоа што во моментот 93,804 работници во Македонија земаат плата од 18,000 денари.
Немаме усогласување, немаме покачување на другите плати, посочи Ралповски.
Премиерот не одговорил на барањето за средба
Тој рече дека веднаш следниот ден по носењето на минималната плата, тие побарале средба со премиерот Димитар Ковачевски.
Но, одговор не добиле.
Потсети дека многупати претходно го изразувале својот револт преку протести, а дел од гранските синдикати и низ штрајкови.
Ралповски посочи и дека кризата не настанала пред неколку денови со покачувањето на минималната плата.
Таа настанала години претходно, со непочитување на Законот и колективните договори од страна на власта.
КСС на Владата и дава рок до 15 март да го реши проблемот со усогласувањето на платите со минималната плата.
- Како да ги зголемите шансите за наоѓање работа преку LinkedIn профилот?| Изабела Шкоф, Советник за развој на кариера [ВИДЕО] - 24/04/2025
- ЕДНО ПРАШАЊЕ: Што значи прекувремена работа? - 23/04/2025
- КАКО ДА ОДГОВОРИТЕ НА ПРАШАЊЕТО „КОЛКАВА ПЛАТА ОЧЕКУВАТЕ?“ НА ИНТЕРВЈУ ЗА РАБОТА – ПРАКТИЧНИ СОВЕТИ НА ИЗАБЕЛА ШКОФ, СОВЕТНИК ЗА РАЗВОЈ НА КАРИЕРА [Видео интервју] - 17/04/2025