Анализи

ЌЕ ДОЈДЕМЕ ЛИ ДО СТЕПЕН ДРЖАВАТА НА СТРАНЦИ ДА ИМ ПЛАЌА ДА ЈА НАСЕЛАТ?

   Време за читање 5 минути

Автор: Бобан М. Илијевски

Најомилени годишни времиња на овие работодавачи им се есен, зима и половина од пролетта – тогаш сезонците се враќаат назад, па подработуваат малку и тука за да не бидат без работа. Иако некои се прават силни, сепак многу од газдите се согласуваат со тоа, свесни дека некаде во мај месец повторно ќе останат без нив. Но, тоа им е. Кога не сакаат да дадат извадат повеќе од џебот за работниците, ќе ги гледаат како си заминуваат. Како вели онаа познатана изрека – „Колку пари, толку музика“.

Од сезонска работа до трајно останување

Синдикатот за угостителство и туризам кој веќе три години соработува со Хрватскиот синдикат за туризам и услуги овозможувајќи им на своите членови кои сакаат да работат во Хрватска работа кај работодавач кој има потпишано Колективен договор со тамошниот синдикат, вели дека сезонските работници бараат 60,000 денари плата за да останат во Македонија. Тие секоја година при презентирањето на компаниите, им даваат да пополнат анкети, па според нив оваа сума е најмногу наведувана на истите.

Синдикатот тврди и дека сѐ повеќе од сезонските работници кои заминуваат таму пројавуваат интерес да останат за стално во државата. Дел од нив веќе се и останати. Тие, откако ќе ги исполнат процедурите, ќе можат да земат хрватско државјанство, па потоа ќе можат да работат во било која земја од Европската унија, но и во прекуокеанските земји.

За креаторите на политиките во Македонија, но и за работодавачите, ова би требало да биде дополнителен „повик за будење“.

Гледано од перспектива на работниците, тоа е навистина паметен потег. Наоѓаш сигурна работа, заштитен си од синдикат, ако се покажеш како вреден работник одиш таму секоја година и оп – ти нудат да останеш за стално.

Инаку во 2023 година, во Хрватска работеле околу 13,500 сезонски работници.

Што ни се пишува ако продолжи трендот на иселување?

И додека нашите работници заминуваат за стално во високо развиените земји, Македонија секоја година останува со сѐ помал број на работна сила. Не би сакал да навлегувам во мрачни сценарија, но факт е дека ако продолжи масовното иселување, постои реална закана да нема кој да работи во државава.

И не, увезените работници нема да бидат доволни за да се покрие големиот недостиг.

Стравувам дека, како и што претходно имам пишувано, Македонија ќе биде во ситуација да им нуди пари на странците – и тоа големи пари – да дојдат да живеат и работат во Македонија, бидејќи пензионерите и оние партиските војници кои ќе останат во државните институции нема да можат да ги задоволат потребите на бизнис секторот. Работодавачите пак, не е чудо да започнат да ги преселуваат своите компании во други држави оти ќе видат дека ова со увезените работници на долг рок нема да даде ефект. Со ваквиот потег, не би имало повеќе смисла да се увезуваат работници, па следен логичен чекор би бил да им се нудат пари на странци да отвораат свој бизниси во Македонија и со своите семејства да живеат тука.

Која е веројатноста да се случи ова?

Тоа ќе зависи од преземањето на мерки од страна на идната Влада со кои би се избегнало ваквото сценарио. Сепак, доколку работите не почнат да се придвижуваат кон напред, не сакам никого да плашам, но постојат шанси да го гледаме овој филм.

Како да ги задржиме луѓето?

Во државава има луѓе кои се далеку попаметни од мене и знаат многу добро што треба да се направи за да се мотивираат луѓето да останат во Македонија. Мое е лично мислење е дека треба да се рестартира целиот систем.

Моја обврска е да укажам на потенцијалните реперкусии од долгогодишното лимбо во кое се наоѓа државата. На експертите и креаторите на политики е да нѐ извадат од него и ова парче земја да го направат да ја отсликува онаа добро позната изрека – „од дома нема ништо поубаво“.

Фото: Freepik

Бобан М. Илијевски

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и главен и одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *