ИнтервјуаНовостиПравдаСветот на работникот

Ќе можат ли газдите да си ги прогласат бизнисите за стратешки?

   Време за читање 4 минути

Измените на Законот за работни односи со кои се зголемува прекувремената работа сѐ уште се главна тема на која порталот Работник пишуваше многупати досега.

Со оглед на тоа дека истите неодамна беа донесени од Собранието, решив со Универзитетскиот професор по трудово право, Лазар Јовевски, да разговарам за последиците од нивното носење.

Првото прашање до него ми беше: Што можеме да очекуваме по носењето на измените на Законот за работните односи? Колкава е можноста одредени работодавачи да побараат нивната работа да се прогласи за стратешка?

Со оглед на тоа што овие измени на Законот за работни односи претставуваат едно ад-хок решение, може да очекуваме дека системот на работни односи генерално во државата, особено на контекст на работното време се руши како еден постоечки систем, рече Јовевски.

„Со овие измени се прави нов фундамент со кој поинаку се уредуваат работните односи. Негативниот контекст на целата приказна е што самиот систем ја менува формата, содржината и основниот концепт, а тоа е работниците да бидат дел од еден интегрален систем на уредување на права, во конкретниот случај правото на работно време на унифициран начин. Со ова имаме, едни работници кои работат под едни услови, и други кои работат под други услови“, изјави Јовевски.

За опасноста од тоа дали и други работодавачи ќе побараат нивните работни активности да се прогласат за стратешки, Јовевски вели дека се ќе зависи од тоа дали ќе се направат измени во законската регулатива и во подзаконските акти, каде што конкретно ќе се уредат кои се стратешки работи во државата.

„Во контекст на сегашната актуелна состојба, немаме јасен и недвосмислен систем за тоа што се стратешки интереси во Македонија кои државата е заинтересирана да ги финансира. Понудата е отворена и веројатно ако не се измени, ќе има голем број на работодавачи кои ќе лицитираат во делот на тоа кој и што е стратешки интерес на државата“, вели Јовевски.

Тој смета дека државата сака да остави едно пошироко поле за да може во одредени околности да удоволува на различни страни кои ќе поднесуваат барања, па поради тоа не очекува да се конкретизира стратешкиот интерес. Според него, би било добро конкретно да се определи кои се стратешки интереси на државата.

Професорот го прашав и за тоа колку се дискриминирачки овие измени, со оглед на тоа дека важат само за работниците кои се дел од стратешки проекти.

Тука дефинитивно има нееднаков третман на едни вработени кон други, објасни Јовевски.

„Ако ја читаме дефиницијата за тоа што е дискриминација и ако ги земеме предвид актите на Советот на Европа, во однос на тоа што е дискриминација, недвосмислено се потврдува дека нееднаквото пристапување е еден од елементите за препознавање на дискриминација“, посочи професорот.

Смета дека доколку оваа одредба се оспори пред Уставниот Суд, ќе има добра тема за размислување и одлучување.

„Во зависност од тоа колку ќе биде квалитетно претставена претставката од Судот, а верувам дека кој и да ја постави ќе биде добро направена, ќе има одреден аспект каде ќе се укаже дискриминација која според мене се јавува со носењето на овие измени“, рече Јовевски.

Јовевски предупреди дека овие измени можат да не стават на „црната листа“ на Меѓународната организација на трудот, бидејќи како држава не ги почитуваме нејзините конвенции кои самите ги имаме ратификувано.

Бобан Илијевски

Фото: Портал Работник

 

Бобан М. Илијевски

Новинар за работни односи, човечки ресурси и кариера