МакедонијаСветот на работникот

ЧЕТИРИ РОМКИ БИЛЕ ОДБИЕНИ ЗА РАБОТА БЕЗ ОБРАЗЛОЖЕНИЕ, А ПОТОА БИЛ ОБЈАВЕН НОВ ОГЛАС ЗА ВРАБОТУВАЊЕ – Како дискриминацијата ги исклучува Ромите од пазарот на труд во Македонија?

Бил отпуштен од „Македонски пошти“ без да му биде дадена објективна причина за тоа, а околностите укажуваат дека единствена причина за неговото отпуштање од работното место била неговата ромска припадност. Ова е последниот документиран случај во низата случаи каде Роми се дискриминирани на работните места. Случајот со редакцијата на порталот Работник го споделија од Институтот за истражување и анализа на политики – „Ромалитико“

„По отпуштањето, оштетеното лице поднесе претставка до Комисијата за спречување и заштита од дискирминација, како и до Народниот правобранител, укажувајќи на повреда на основните човекови права и дискриминаторско постапување од страна на институцијата“, истакнаа од Ромалитико.

Комисијата ја разгледала претставката и донела позитивна одлука, утврдувајќи дека се работи за етничка дискриминација, и ја повикала институцијата да го врати лицето на работа и да ги отстрани последиците од дискриминаторскиот акт.

„По оваа одлука, лицето покрена и судска постапка за заштита на своите права и за надомест на штета“, велат од Ромалитико, додавајќи: „Случајот е пример за тоа колку е важно постоењето на независни тела како Комисијата за заштита од дискриминација и Народниот правобранител, но и колку е потребно институциите да ги почитуваат нивните одлуки. Во исто време, оваа ситуција ја истакнува потребата од подобра институционална култура и за построга одговорност на државните органи кои го прекршуваат принципот на еднаквост.

Дискриминацијата е повеќе застапена во приватниот сектор

Од Ромалитико велат дека имаат документирани случи во кои работодвачи отворено одбивале да вработат Роми, дури и кога тие ги исполнувале формалните услови за работната позиција.

„Таквите случаи најчесто се забележуваат преку изјави на самите апликанти, како и преку посредници и граѓански организации кои работат на вработување Роми“, рекоа од организацијата.

Дискриминацијата, како што велат, често се појавува во суптилни форми, на пр., кога по телефон кандидатот добива позитивен одговор за интервју, но штом се појави лично и визуелно се препознае како Ром/ка, одеднаш му се кажува дека позицијата е пополнета или дека „не се вклопува“ во работната средина.

„Има и случаи кога работодавачите отворено барале ’не-Роми’ или одбивале да примат Роми во колективот, дури и кога се работело за сезонски или нискоквалификувани работни места“, велат од таму.

Биле одбиени без образложение, а потоа бил објавен повик за вработување

Ни кажаа деја Ромалитико како организација која посредува при вработување, последниот случај го документирал пред околу еден месец кога четири жени Роми кои биле поддржани од проект на организацијата да завршат обука за негувателки на стари лица биле повикани на интервју, по што биле одбиени без образложение. Веднаш потоа бил објавен нов повик за вработување.

„Во одредени случаи, истите работодавачи прифаќаат кандидати со помалку квалификации, но кои не се од ромска припадност“, велат од Ромалитико.

Овие искуства, констатираат, иако често не се официјално пријавени, се индикативни за постоење на длабоко вкоренета етничка дискриминација во процесот на вработување, која бара системски одговор, едукација на работодавачите и проактивни механизми за спречување и сакнционирање на ваквите практики.

Продолжува…

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и Главен и Одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk