МакедонијаНовостиСиндикат

ЌЕ СЕ ЗГОЛЕМУВААТ ПЛАТИТЕ И ВО ОСТАНАТИОТ ДЕЛ НА ЈАВНИОТ СЕКТОР

   Време за читање 3 минути

На денешната средба помеѓу Владата и синдикатите се разговарало на две теми: Општиот колективен договор за јавен сектор и минималната плата и покачувањето на платите во останатиот дел од јавниот сектор, рече Претседателот на Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија, Благоја Ралповски.

„Беше понудено, онаму каде што останаа неусогласени или ненивелирани платите, истите од 1 мај да се усогласат со минималната плата за 7 %. Тоа се управите, царината, министерствата… Се договоривме да потпишеме Спогодба каде што во следните години ќе се качуваат платите за 5 и 7 %, за да се нивелираат платите.“, рече Ралповски.

Се отворило и прашањето за Општиот колективен договор, со кој КСС уште во 2023 година не се согласувал со одредбите за покачување на платите, рече Ралповски, потенцирајќи дека за 2024 година пропишувал платите во јавниот сектор да се покачат само за 0,7 %.

Во неговата изјава се осврна и на последните покачувања за кои успеале да се изборат гранските синдикати, со што платите во јавниот сектор станале многу поголеми од минималната плата.

„Општиот колективен договор истекува во јуни месец, понудено е од Владата сите синдикати, репрезентативни и не-репрезентативни, да седнеме на маса, за да можеме да ре-преговараме еден колективен договор којшто ќе биде во интерес на работниците“, истакна Ралповски.

Станало збор и за минималната плата, за која премиерот рекол дека не се спремни да ја субвенционираат затоа што имаат и законска обврска сите плати во јавниот сектор потоа да ги зголемат и дека немаат предвидено толкаво покачување во буџетот. Тоа би било голем товар и би направило проблеми со надворешните партнери кои се кредитори на оваа земја. Сепак, останува прашањето после одреден период, доколку се подобри економската состојба, да се преговара со Владата за зголемување.

„Останува она што го кажувам многу пати. Во приватниот сектор да се преговара со организациите на работодавачи, за да видиме дали можеме да изнајдеме решение во кој дел ќе можат да се покачат платите“, рече Ралповски.

Прашан за тврдењата на ССМ дека не се залагаат за работничките права и дека се против растот на минималната плата, Ралповски рече дека доколку се покачи минималната плата ќе опфати само 70-80,000 работници од 700 илјади работници во државата. Го прашале премиерот дали се подготвени да ги почитуваат Законот за минимална плата и дали се спремни сето тоа да го сервисираат и дали можат да го издржат сето тоа, бидејќи КСС и во минатото и сега бара само почитување на законите и колективните договори.

„Она што ССМ го бара е популизам. Покачување само на 70,000 работници на 30,000 денари, значи дека другите ќе останат без покачување. Треба да бидат искрени и да го кажат тоа“, наведе Ралповски.