„ЌЕ ТИ ПУШТАМ К-15, АМА ДА МИ ГО ВРАТИШ“; „ЌЕ ТЕ ДРЖАМ НА ОПРЕДЕЛЕНО КОЛКУ ШТО МИ Е ЌЕИФ“ – Продолжува прекршувањето на работничките права
Анализа на Бобан Илијевски
Постојат теми кои мора често да се зборуваат јавно, бидејќи се од општествена важност. Една од тие теми се работните односи (работничките права) и социјалните прашања.
Веќе подолго време, повеќе од четири години, како новинар од областа на работните односи, пишувам колумни и статии токму на овие теми. За волја на вистината, јас не сум единствениот кој обработува теми во оваа сфера – нѐ има повеќе. И тоа е добро.
Но и покрај тоа, работите некако тешко се подобруваат, а во некои сегменти ми се чини дека и се влошуваат. Еве на пример, Владата предложи, а Собранието изгласа зголемување на прекувремената работа – потег кој ќе не стави уште подолу на листата на земји во кои најмногу се прекршуваат работничките права.
Можеби Македонија ќе ја стават во некоја посебна категорија, каде што ќе биде сама, со оглед на тоа дека законско решение каде што се остава прекувремената работа да биде многу поголема од 190 часа годишно, па дури и за стратешки проекти, нема ниту во африканските земји.
На сите овие негативности, позитивно е тоа што 42 текстилни работнички добија обесштетување во вкупен износ од 42.000 евра од странските брендови. Сето ова благодарение на „Гласен Текстилец“ и глобалната мрежа „Clean Clothes Campaign“ кои по две години преговори успеале да се изборат за оваа сума.
Ова е победа за работничките, но и надеж за останатите работници и работнички чии права се прекршуваат.
Кога сме кај прекршувањето на правата од работен однос, факт е дека истото продолжува и понатаму.
Од Македонското здружение на млади правници, кое дава бесплатна правна помош, меѓу другите, и на работниците и на работничките, велат дека од почетокот на 2023 година заклучно со 10.04.2023, Здружението има обезбедено 28 – општи првни информации и општи правни совети поврзани со работните односи.
„Голем дел од правните прашања од областа на работните односи се однесуваа на правото за регрес на годишен одмор, непочитувањето на законските одредби за ноќна работа и одмор, неисплаќање на отпремнина, стекнување услови за користење на право за годишен одмор, мобинг на работно место, неисплаќање придонеси и услови за остварување на надоместок поради невработеност“, посочија од таму.
Работниците се жалеле и на континуирано продолжување на договорите на дело кои во пракса фактички се сметаат како договор на определено време (за што не е потребно да се исплаќаат придонеси од пензиско, инвалидско и здравствено осигурување), како и случаи на потпишување на договори на определено време без период на времетраење.
„Освен обезбедување на општи правни совети и општи правни информации, како Македонско здружение на млади правници, особено ги упатуваме и советуваме странките непочитувањето на работните односи да го пријавуваат во Државниот инспекторат за труд, како и да се обратат до Народниот Правобранител“, наведоа од Здружението.
Кога ќе се земат предвид и пријавите кои пристигнуваат и до останатите невладини организации и синдикати, бројката на прекршени работнички права е многу поголема.
Значајно е да се спомене дека многу мал број жени пријавуваат дискриминација – која значи прекршување на работничко право. Тие најчесто се сочуваат со откази од работа поради бременост и родителство, сексуално вознемирување, повреда на правото на еднаква плата за еднаква работа и сл.
И мажите не се имуни на прекршувањето на работничките права и на дискриминацијата. Покрај тоа што им се прекршуваат работнички права, тие се и дискриминирани поради етничката или религиозната припадност, па и по други основи. И меѓу нив има некои кои искусиле сексуално вознемирување. Ова го потврдуваат и истражувањата кои ги прави независната истражувачка организација „Реактор“, а кои можат да се најдат тука. Овие истражувања покажуваат и колку од жените кои одговориле на анкетата, се соочиле со сексуално вознемирување. Истите покажуваат и со какви форми на сексуално вознемирување се соочиле жените и мажите.
Фото: Freepik