Колумни

Авганистаците во Македонија – Македонците во Германија

Бобан Илијевски 

Често во моите колумни пишувам за тоа дека многу млади од Македонија заминуваат во потрага на подобар живот во Германија, како и дека нивниот наплив ќе биде уште поголем во постпандемискиот период (иако тој процес е веќе продолжен, со оглед на тоа што на 4 јули беа укинати сите рестрикции, а и тука е Правилото за доселување работници од Западен Балкан). Сознанието за тоа дека на Германија ќе и бидат потребни 400,000 странски работници годишно, а и тоа дека веќе започнала да ги признава дипломите, ме натера да ја отворам уште еднаш оваа тема.

Имено, оваа информација ја сподели претседателот на германската агенција за вработување којшто воедно кажа дека најмногу ќе бидат потребни негуватели, инсталатери на клима уреди, логистичари и факултетски образовани луѓе. Ова е знак кој им укажува на граѓаните на Македонија, да започнуваат да запишуваат курсеви по германски јазик, а потоа да си ги соберат куферите и да заминат. Знам дека претходнава реченица делува како јас да сакам да си заминат луѓето од тука, но верувајте, тоа не е така. Вистината е, како и што имам претходно кажано, дека самата држава ги брка надвор преку не водење на грижа за нив. Нели имаше неодамна едно истражување, за коешто напишав колумна, кое покажа дека над 50 % од младите би купиле билет за во еден правец. Мислам дека ова ја потврдува мојата теза.

Сите знаеме каков е нашиот стандард, какви се нашите плати и колку се цени работникот во Македонија. За ова не ни треба повеќе да пишувам, бидејќи е јасно како ден. А плус на тоа и свој данок земаат криминалните и коруптивни дејствија коишто се случуваат речиси секој ден, како и непотизмот и немањето на правда за обичниот граѓанин, односно законите не важат за сите подеднакво, како што би требало да биде во една демократска држава. Сето ова ги брка младите од Македонија. Нив пак, со тоа што Германија започна да признава дипломи, им се отворија уште повеќе шансите.

Мислам дека треба да нагласам дека минатата година Германија потполно или делумно признала 44,800 странски дипломи, што е за 5 % повеќе од 2019 година. Ова го покажуваат податоците на германскиот завод за статистика. Во предвид треба да се земе дека во 2020 година германската економија беше во многу тешка ситуација, поради последиците кои ги предизвика пандемијата со вирусот Ковид – 19.

Како и претходно, најмногу недостасуваат работници во здравствениот сектор

Германија отсекогаш имала проблем со дефицит на кадар во здравствениот сектор, па поради тоа најмногу акцентот го ставала на нив. Пред пандемијата, од Македонија заминаа доста здравствени работници, меѓу кои најбројни беа медицинските сестри. Сега повторно Германија бара ваков кадар, а тука се и негувателите, за коишто исто така има постојано огласи.

Факт е дека бројот на здравствените работници во Македонија уште ќе се намалува, со тоа што голем дел од нив ќе продолжат да одат во Германија и да работат во германските болници. И самата Влада знае дека овој тренд ќе продолжи, но што ќе стори за да се избегне ова? Засега нема ништо конкретно. По некое време, ние ќе имаме недостаток на медицински кадар и тогаш ќе се чудиме што да правиме, бидејќи и оние коишто чекаат вработување, а се под Агенцијата за вработување, ќе си заминат.

Што е позитивно во сето ова? Наставниците и туторите по германски јазик ќе направат огромни пари.