КолумниНовости

Ало властодршци, онаму за каде што „преговарате“, земјите го намалуваат работното време

   Време за читање 2 минути

Автор: Бобан Илијевски

Во време кога земјите од Европската унија, организација чија членка претендираме да станеме, воведуваат четиридневна работна недела и го намалуваат работното време, властите во Македонија се дрзнуваат да помислат на зголемување на истото. И тоа пази – на 60 часа.

Не ме интересира тоа што ова работно време, како што се предвидува со измените, ќе важи само за „проекти од стратешки интерес“ или во случајот за работниците кои би работеле на коридорите 8 и 10д за кои е ангажиран конзорциумот „Бехтел и Енка“. Зарем работниците кои ќе работат на овие коридори ќе бидат дискриминирани, бидејќи ако ова ќе важи само за нив, тогаш излегува дека тие се навистина мети на дискриминација. Плус, овие луѓе ќе треба постојано да работат на отворено, на -20 и на +40, а со тоа повеќекратно ќе се зголемат шансите да доживеат несреќа при работа.

Покрај ова, има и многу други прашања на кои немаме одговори, како, Кој ќе одлучува за тоа кои се стратешки проекти? Дали тоа ќе биде дискреционо право на Министерот за труд и социјална политика? Како ќе се спречи потенцијалната злоупотреба на одредбите коишто ќе овозможуваат 60-часовна работна недела? И други прашања на кои ќе треба да се отвори дискусија и каде што ќе треба да се вклучат и синдикатите и работодавачите.

Јас не слушнав ова прашање дека се нашло на Економско – социјалниот совет, каде се одлучува за сите политики од сферата на работните односи. А овие измени и тоа како се огромен дел од работните односи.

Патот којшто го одбираат овие на власт не оди кон Европската унија, туку не враќа назад во 19 век и не сместува во рангот на африканските земји каде што воопшто нема работнички права.

И мислам дека редно е да престанат да продаваат социјалдемократија, бидејќи да беа вистински социјалдемократи, ќе се бореа за намалување на работната недела и немаше да туркаат законски измени по скратена постапка за кои веќе Уставниот суд се изјасни дека не се легитимни. Истото важи и за нивните партнери од албанскиот блок, редно е да престанат да продаваат демократија.

 

Бобан М. Илијевски

Новинар за работни односи, кариера и човечки ресурси