Ана започна да работи со голема страст – бизнисот започна да расте, а со тоа и нејзините обврски, но платата ѝ остана ниска…| Поучна приказна за сите кои се во слична ситуација
LinkedIn статус на Даниела Тодоровска Пепиќ, правник и специјалист за човечки ресурси
Си беше една Ана. Девојка која вистински ја сакаше својата професија.
Секогаш беше подготвена да учи, да се надоградува и да навлегува во секој сегмент од работата за да стане подобра и поуспешна.
Кога го заврши своето образование, Ана се вработи во мал бизнис кој тогаш едвај опстануваше. Со својата посветеност и труд, успеа да внесе нова енергија во работата. Клиентите ја сакаа и се почесто ја бараа токму неа, а не сопственичката на бизнисот. Ана продолжи да учи, да расте и да ја гради својата стручност. И беше среќна, затоа што ја сакаше својата работа.
Работата и овозможуваше да биде креативна, да биде во контакт со луѓе, и на крајот од денот да има чувство дека навистина прави нешто значајно. Тоа беше доволно за да се чувствува исполнето. Се до моментот кога љубовта кон професијата почна да се претвора во товар.
Од мал бизнис, фирмата почна да расте. Клиентите се множeа, обврските стануваа се поголеми, а Ана остана сама. Без поддршка, без засилување во тимот, и најважно – без соодветна награда за трудот. Платата остана ниска, далеку под вредноста што ја носеше, а работното време изгуби секоја граница.
Се почесто остануваше до доцна навечер, а неретко доаѓаше и пред почетокот на смената, само за да постигне да ги услужи сите. Канцеларијата постојано беше полна со луѓе кои чекаа, а Ана беше преморена. Ниту еден човек не може да носи толкав товар сам, но таа го правеше тоа, се додека не почна да плаќа висока цена.
Прво се појави заморот. Потоа прегорувањето. Се почесто чувствуваше анксиозност, а паничните напади станаа дел од секојдневието. Нозете и стануваа тешки секој пат кога требаше да тргне на работа. Некогашниот сон – можноста еден ден да има нешто свое во таа област, веќе не и изгледаше привлечно. Напротив, стануваше се поодбивен и подалечен.
И тогаш, едно утро, Ана реши дека е доста. Даде отказ преку ноќ. Замина и почна да работи нешто сосема друго, нешто неповрзано со нејзината професија. Ниту беше толку предизвикувачко, ниту толку креативно. Но и носеше мир. А тоа во тој момент беше најважно.
Поуката од приказната е јасна:
Ако некогаш почувствувате дека од љубовта кон професијата полека влегувате во состојба на прегорување – застанете. Послушајте го сопствениот глас, заштитете го вашето здравје и реагирајте навреме. Не дозволувајте работата да ви ја одземе љубовта кон тоа што го правите.
Ако сте работодавач и имате во тимот „Ана“- ценете ја. Давајте признание, почит и фер награда. Затоа што луѓе како неа се двигателот на растот. Без нив лесно може да останете без се што сте изградиле.
Ова е вистинска приказна. Името и професијата се сменети.
Но поуката останува иста: Не дозволувајте да бидете Ана.

