Бесими бара администрацијата да чека, но ја покачил платата на вработените во финансии
Министерот Бесими ги задоволи барањата на вработените во неговото министерство. Нашол начин како да им ги зголеми платите за 30%.
И додека чуварот на државната каса ги уверува административците дека треба да почекаат една година за покачување, тој со законска можност, го смири револтот во неговиот сектор.
„Со законот за органско буџетирање, кој е изгласан пред Нова Година, вработените во Министерството за финансии, и институциите кои се под финансии, од почетокот на годината земаат зголемени плати“, изјави Фатмир Битиќи, вицепремиер за економски прашања.
Вицепремиерот Битиќи не го дели мислењето со министерот Бесими. Вели дека платите на административците треба да се зголемат ведаш, а не да се чека една година. Неговиот став е дека сите вработени – и во државен и во приватен сектор мора да имаат достоинствени плати.
„Тоа значи и за мојот сограѓанин којшто работи на најниското работно место и за претседателот на државата вклучувајќи го и премиерот на државата – иста методологија за плати која што ќе биде усогласена со синдикати. Кога тоа ќе го направиме – праведноста, правичноста и солидарноста ќе бидат покажани на дело, посочи Битиќи.
Битиќи денеска ја објави и неговата плата со зголемувањето од 80%. Месечно добива 125 илјади денари, сума која е пониска од таа што ја земал во приватниот сектор.
Извор: Сител

