СветСветот на работникот

БОЛЕДУВАЊЕ ПО ОТКАЗ? Еве кога работодавачот може да ве провери и да ви ја ускрати платата

Во Германија, секој вработен кој ќе се разболи е должен најдоцна до четвртиот ден од болеста да достави потврда за привремена спреченост за работа (AU), доколку сака да го задржи правото на исплата на плата за време на боледувањето.

Иако во најголем дел од случаите лекарската потврда се прифаќа без дополнителни прашања, германскиот закон им овозможува на работодавачите, во случаи на сомнеж, да побараат независна медицинска проверка.

Кога работодавачот има право на сомнеж?

Работодавачот може да се сомнева во оправданоста на боледувањето доколку:

  • Боледувањата се повторуваат често и во кратки интервали
  • Боледувањето започнува во петок или завршува во понеделник
  • Потврдата за боледување е издадена ретроактивно или трае невообичаено долго
  • Боледувањето започнува веднаш по добиен отказ или трае до крајот на отказниот рок
  • Вработениот однапред најавува дека ќе биде болен
  • Боледувањето следува по одбиен годишен одмор или веднаш по користење одмор

Во вакви случаи, работодавачот може да побара мислење од Медицинската служба (Medizinischer Dienst), која соработува со здравствените осигурителни фондови. Нивниот извештај содржи само заклучок: дали боледувањето е оправдано или не. Фирмските лекари (Betriebsarzt) немаат право да го оспорат боледувањето.

Ако се утврди дека боледувањето не било оправдано, работодавачот може да ја ускрати исплатата на надоместокот, а случајот може да заврши и на суд.

Каква е ситуацијата во Хрватска?

Во Хрватска, потврдата за боледување исто така мора да се достави – и тоа од првиот ден, доколку така побара работодавачот. Иако често се поднесува по три дена, работодавачот има право да бара порано доставување, особено ако постои сомнеж.

За време на боледувањето, работникот мора да престојува на пријавената адреса, освен ако е оправдано отсуството поради лекување. Сомнителни боледувања – по отказ, за време на празници или веднаш по одмор – сè почесто се подложуваат на проверки, пишува Fenix-magazin.

Хрватскиот завод за здравствено осигурување (HZZO) има право да спроведува контроли и, доколку утврди неправилности – како што е напуштање на местото на живеење без дозвола – може да го ускрати надоместокот. Работодавачот може да побара и дополнителен лекарски преглед.

Права и обврски од двете страни

Во системи засновани на доверба и правила, и работниците и работодавачите имаат јасно дефинирани права и обврски. Лажните боледувања може да резултира со губење на надоместокот, судски процес и долгорочна штета на репутацијата на вработениот.

Извор: Bizportal.rs