КолумниНовости

ВАКЦИНАЦИЈАТА НА РАБОТНОТО МЕСТО

   Време за читање 4 минути

Колумна на Билјана Чкламовска – Legal / HR / Compliance Manager, одговорна за човечките ресурси на три компании на австриската интернационална компанија Novomatic AG во Македонија (ХТЛ Македонија, Мастербет и МА Гаминг) и Менаџер за правна усогласеност и етичко однесување за Новоматик компаниите во Македонија.

Фотографијата што ја гледате е направена на врата од објект чиј газда сигурно нема поим дека постои Закон за спречување и заштита од дискриминација, но за негова среќа и поголемиот дел од луѓето не знаат дека можат да  пуштат претставка до Комисијата за спречување на дискриминација.

Најстрашно од се е тоа што во изминативе три дена добив информации од работници од десетина различни компании, дека им биле пуштани на потпис списоци, анкетни листови и прашалници со графи вакцинирани и невакцинирани. Нормално никој не им објаснил со која цел се бара таквиот податок, а лицата што го спреведувале процесот се оградувале со зборовите ,,наредено е од горе” . Се прашувам колку високо е тоа горе?

Имињата на компаниите што спроведувале анкети од овој тип нема да ги објавам затоа што бев замолена од страна на работниците што ми се јавија, уплашени за своите работни места, а и затоа што верувам дека ги има многу повеќе, иако јас лично не сум добила информација за други компании.

Се прашувам од каде им е смелоста на компаниите, особено на оние големите кои имаат и Правен сектор и Сектор за човечки ресурси кои добро ги познаваат законите, така флагрантно да ги кршат човековите и работнички права со такви дискриминаторски прашалници?

Вакцинацијата е право на личен избор на секој човек и колку и да е претставено како етичка обврска во моменталната ситуација, прашалници од овој тип од страна на работодавачот, се неетички и дискриминаторски (дискриминација на работното место по основ на здравствена состојба, член 3 ст 1, т.1 и чл.5 од Законот за спречување и заштита од дискриминација).

Значи, драги работници,

  • имате потполно право да не одговорите на прашалникот за вакцинација, па дури и да пратите претставка до Комисијата за спречување на дискриминација, или да побарате од вашиот синдикален претставник да го стори тоа,

 

  • не се грижете за вашите работни места, бидејќи никој нема право да ве отпушти од работа заради тоа што не сте вакцинирани. Не постои таков основ во Законот за работните односи, ниту во Колективниот договор.

Сепак признавам, работодавачите можат да не ви го продолжат времетраењето на работниот однос доколку сте склучиле Договор за вработување на определено време, без да ја образложуваат причината. Во таков случај ваше е правото да одлучите дали сакате да продолжите да работите за таков работодавач или не. Знам дека е тешко да се најде нова работа, но исто толку е тешко да се најде и добар работник.

Драги кандидати за вработување,

 

  • имате право да не одговорите на прашањето: ,,Дали сте вакцинирани?”, доколку некој регрутер се осмели да ви го постави на итервју за работа, и да поведете постапка против работодавачот пред Комисијата за заштита од дискриминација, исто како кога би ви поставиле прашање за вашиот брачен или семеен статус, националност, вероисповест, сексуална или политичка определба итн., бидејќи никој не смее да ви го ограничи пристапот до работното место заради некоја дискриминаторска основа.

 

  • имате право и да пратите претставка до Комисијата за заштита од дискриминација доколку видите оглас за вработување во кој како услов се наведува задолжителна вакцинација.

Работодавачот може да препорача вакцинација, дури може и да организира групна вакцинација на вработените, но само доколку тие се изрично согласни на тоа, но не смее да воведе задолжителна вакцинација. Впрочем и на пунктовите за вакцинација мора да се потпише Изјава за согласност. Вакцинација како услов за добивање или зачувување на работното место е противуставно и противзаконско барање, сериозен атак врз правото на достоинствена работа, егзистенцијална уцена.