Светот на работникот

Вештачката интелигенција ќе затвори, но и ќе отвори нови и ќе засили некои од постоечките

Ќе најдете голем број на студии и статии кои предвидуваат дека вештачката интелигенција ќе замени многу работници, а многу малку за тоа колку можности ќе отвори за оние кои сакаат да научат нови вештини.

Според податоците на извештајот на Светскиот економски форум, 170 милиони работни места ќе бидат креирани до 2030 година. Но со оглед на тоа дека се предвидува оти 92 милиони работни места ќе згаснат до истата година, реалниот нето пораст ќе изнесува 78 милиони работни места.

Интересно е што истиот извештај нотира дека вештачката интелигенција ќе создаде нови 11 милиони работни места, а ќе замени 9 милиони други.

Какви работни места ќе отвори?

Вештачката интелигенција ќе отвори најмногу можности во техничките области како:

  • Специјалист за ВИ и машинско учење
  • Инженер за генеративен ВИ
  • Инженер за податоци
  • Инженер за промпт
  • Инженер за конструкција на роботи
  • Етичар/Раководител за управување со ВИ
  • Специјалист за корисничко искуство со ВИ
  • Аналитичар за сајбер безбедност
  • Менаџер за обука на работната сила
  • Валидатор на ВИ.

Покрај отворањето нови работни места, вештачката интелигенција ќе ги аугментира, односно засили следните постоечки професии:

  • Здравствени работници
  • Креативни професионалци: уметници, музичари, писатели
  • Едукатори и наставници
  • Раководни и стратегиски улоги
  • Специјалисти за човечки ресурси.

Ќе мора да се биде отворен кон процес на преквалификација

Сепак за да се научат како да се работат овие професии или како да се користат алатките базирани на вештачка интелигенција кои ќе се употребуваат, работниците ќе треба да се преквалификуваат или доквалификуваат. Нема тука во целост да ги посочувам сите вештини кои се потребни, бидејќи ќе мора дополнително да се објаснуваат, а за тоа ќе требаат уште 2,000 зборови. Секој којшто е заинтересиран може да ги пребара на Гугл. Но мора да се споменат вештините кои работници ќе треба и тоа како да ги поседуваат, а тоа се т.н. меки вештини:

  • Аналитичко размислување
  • Решавање проблеми
  • Креативно размислување
  • Флексибилност и агилност
  • Лидерство.

Ова се едни од најважните кои работодавачите веќе ги бараат од кандидатите за работа.

Мое искуство со ВИ

Пред да започнам да ја пишувам оваа колумна, размислував дали да дадам свој пример за тоа како јас практично ја користам вештачката интелигенција во работата. Како новинар, вештачката интелигенција засега можам да ја користам само за истражување, но не без да го верификувам, бидејќи ВИ сѐ уште дава неточни информации. Добро е што го дава изворот на информациите веднаш до текстот, па можеш веднаш да видиш дали се точни. На пример, за потребите на овој текст, морав да го прашам Gemini AI да ми даде директен линк до веб страната на Светскиот економски форум за да ја потврдам информацијата за тоа дека ВИ ќе отвори 11 милиони нови работни места.

На крај, не смееме да ги заборавиме постарите лица и оние кои не се во можност да стекнат нови вештини. Тие ќе мора да станат поснаодливи – снаодливоста сама по себе е важна вештина. Сепак, мислам дека секој којшто сака треба да провери како функционира некоја алатка базирана на вештачка интелигенција.  

Бобан М. Илијевски

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и главен и одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk.