Лазаров: Годишно во Македонија се пропушта можност да се креираат илјадници нови работни места, поради ниските јавни инвестиции
Фејсбук статус на проф.д-р Дарко Лазаров:
Најновата студија на ММФ за влијанието на јавните инвестиции во стимулирање на нови работни места укажува дека фискалниот мултипликатор е навистина голем, особено во помалку развиените земји. Всушност, согласно резултатите од анализата, 1 милион евра инвестиции во инфраструктура стимулираат во просек околу 40 вработени.
Ако го аплицираме ова сознание на случајот на Македонија ќе видиме дека годишно се пропушта можноста да бидат креирани и поддржани илјадници работни места поради ниската реализација на јавни инвестиции.
Потврда на ова е фактот што во изминатите четири години, сегашната Влада има просечна реализација на капитални инвестиции од 6.5% од централниот буџет, што е за 3.5 процентни поени помалку споредни со периодот претходно. Овие 3.5 процентни поени од буџетот во апсолутен износ се околу 140 милиони ерва годишно (3.5% x 4 милијарди евра = 140 милиони евра).
Ако ги аплицираме резултатите од студијата на ММФ може да заклучиме дека годишно со помалата реализација на капитални инвестиции се пропушта можноста за креирање на дополнителни 5.600 работно места во економијата (140 x 40 = 5.600).
Дополнително, да не заборавиме дека капиталните инвестиции го подобруваат животниот стандард на граѓаните и условите за водење бизнис на приватниот сектор, и истовремено го зајакнуваат капацитетот на економијата за создавање на дополнителна додадена вредност во иднина.
Оттука, може да заклучиме дека економските политики на оваа Влада кои форсираат јавна потрошувачка наместо јавни инвестиции допрва ќе се рефлектираат негативно врз идниот капацитет на економијата за повисоки стапки на раст, особено што овие политики беа проследени со значаен раст на јавниот долг што уште повеќе ќе го ограничи фискалниот простор за поттикнување на економски раст на земјата во наредниот период.


