СветСветот на работникот

Колку работни места ќе изгубиме поради „кинеската колонизација“ на Европа?

Водечко европско индустриско тело предупредува дека загубите на работни места во производствениот сектор на Европската Унија (ЕУ) драматично ќе се зголемат доколку Брисел итно не ја запре колонизацијата на индустријата од страна на Кина.

Организациајта Eurometal предвидува губење на дури 300.000 работни места во производството до крајот на 2026 година, а главната причина е растечката и агресивна конкуренција од Кина, која во моментов има рекорден трговски суфицит со ЕУ од неверојатни 1 милијарда евра дневно.

За да го привлечат вниманието кон проблемот, претставници на Eurometal денеска ќе организираат бизарни и симболични протести во Брисел.

Пред седиштето на Европската комисија ќе помине поворка од 10 ковчези, на кои ќе бидат напишани пораки како „конкурентност на ЕУ“, „индустриски работни места“ и „европски фабрики“.

„Кина не крие што прави. Тоа е напишано во нивниот петгодишен план. Тие повеќе не сакаат да бидат снабдувач на суровини, туку снабдувач на готови производи и компоненти. Тие сакаат да бидат клучни во синџирите на снабдување, бидејќи знаат дека кога го контролирате тој синџир, го поседувате целиот синџир на вредност“, изјави Александар Џулиус, претседател на Eurometal, за The Guardian.

Џулиус ја повикува Комисијата да го разбере вистинското влијание на кинескиот извоз, особено металите и хемикалиите, кои се користат во 90 проценти од производството.

„Погледнете ги загубите на работни места што се натрупуваат во земји како Германија. Медиумите и политичарите ги гледаат последиците, но не се борат против „вирусот“ што го предизвикува. Тие не прашуваат зошто компаниите бегаат во Кина или Индија, или зошто банкротираат“, остро вели Џулиус.

Една од главните причини зошто европската индустрија ја губи битката се огромните трошоци што ги сносат производителите во ЕУ, вклучувајќи ги високите царини за увоз на челик и строгите даноци за емисиите на јаглерод.

Од друга страна, компонентите произведени во Кина не подлежат на такви давачки. Кога на тоа ќе се додаде и намерно потценетата кинеска валута, за европските компании е невозможно да се натпреваруваат.

Алармантната ситуација е потврдена со неодамнешна анализа на Европската комисија, која предвидува потенцијално губење на повеќе од милион работни места поради високите цени на енергијата и глобалната конкуренција. Оваа мрачна статистика се вклопува и со германскиот гигант Volkswagen, кој минатата недела ги потврди плановите за отпуштање на дури 100.000 работници.

Од друга страна, Пекинг ја обвинува Европа за протекционизам и се заканува со решителни контрамерки.

Двете страни моментално се во тримесечно примирје за време на кое се водат преговори за да се избегне отворена трговска војна, а разговорите се очекува да завршат во октомври. Останува да се види дали Брисел ќе попушти под притисокот од сопствената индустрија или ќе продолжи да ги балансира своите односи со Пекинг.

Извор: Кајгана