ВИДЕО| ГИ ЗАКЛУЧУВАЛЕ ВО КАНЦЕЛАРИИ – ВО ГРАДИНКИТЕ СЕ ВРШИ ОГРОМЕН МОБИНГ ВРЗ ШТРАЈКУВАЧИТЕ
Во градинките има најмногу притисоци и опструкции. Во две третини од нив, вработените се затвораат во канцелариите од страна на директорите и не им се овозможува да излезат на свеж воздух или да јадат. Меѓу нив има и бремени работнички. Ова го соопшти Претседателот на СОНК Јаким Неделков на денешната прес- конференција.
Порача дека за да не испадне дека шпекулираат, надлежните инспектори да излезат на терен и да се увидат дека тоа е така.
Со Министерството за образование тежнееме кон иста цел, но се движиме кон разни патишта. Тоа значи дека сакаме што поскоро да заврши штрајкот и учениците да се вратат на училишните клупи и во детските градинки, рече Неделков.
Реков, патиштата ни се различни, а тоа значи дека треба некаде да се вкрстат за да најдеме взаемно прифатливо решение и штрајкот да се прекине, рече Неделков.
Според него, штрајкот секој ден, се повеќе се интензивира, а тоа, како што рече, значи дека и оние вработени кои не се членови на СОНК се приклучуваат кон штрајкот. Поради ова, тој смета дека го прават вистинското за членството.
Тука морам да споменам дека сме задоволни од односот на директорите и другите надлежни во основното и средното образование, каде што нема неправилности, односно вршење на притисок врз штрајкувачите. Меѓутоа тоа не е пример и во детските градинки, каде што директорите вршат сериозни притисоци врз штрајкувачите. Тоа го имаме регистрирано и објавено на социјалните мрежи, посочи Неделков.
Откри дека притисоците потекнуваат од страна на Министерството за труд и социјална политика, коешто според нив, наместо да се обиде да се најде заедничко решение, преку писма ги учат директорите како да им се закануваат на вработените, а на тие писма не стои ниту име, ниту презиме, ниту потпис и печат.
Во тие писма, како што рече Неделков, се наведува дека штрајкувачите треба да бидат на работа осум часа и дека ќе им бидат скинати дневниците на вработените кои се во штрајк, како и ги потсетувале дека имаат пауза од 30 минути во текот на работното време.
Сето тоа е еден жесток притисок врз штрајкувачите во детските градинки, коишто и тоа како имаат право согласно Уставот на Р. Македонија, Законот за работни односи и колективните договори имаат законско право на штрајк, рече Неделков и додаде:
Морам да признам дека вработените во детската заштита се доволно едуцирани, за да знаат да ги прочитаат и протолкуваат законите и навистина нема потреба никој од МТСП да ги потсетува какви се нивните обврски за време на штрајк.
Она што, вели Неделков, е уште по нехумано е да се затвораат вработените во мали канцеларии во детските градинки и нивните клонови, да не им се дозволи за време на штрајкување од осум часа да одат во тоалет кога сакаат, на појадок или да излезат на чист воздух – на бремени колешки да не им се дозволи да излезат на чист воздух.
На ваков начин, потенцираше тој, не се гради взаемна доверба и не се наоѓа решение за проблемот којшто го имаат.
Ако овие директорки мислат дека цел живот ќе бидат тоа, се лажат. „Некој вели директорската позиција е листопадна. Денеска ги нема, утре ги нема и повторно ќе се вратат со истите тие колешки на коишто им вршат страотен мобинг“, наведе Неделков.
Мобингот врз вработените, како што рече, е толку силен, што дури ги замолуваат да не ги спомнуваат ниту објектот, ниту градот, ниту градинката, за да не се открие дека информациите се од нив.
Посочи дека за сето ова ќе се поднесуваат кривични пријави и дека нема да се откажат од нив.
Неделков апелираше и да не се задржуваат вработените осум часа на работа и во тој дел надлежните да направат отстапки, бидејќи има вработени коишто ги постат рамазанските пости, а на работа остануваат и до 19 часот, доколку се втора смена.
Во однос на тоа дека наставниците ќе работат и после 10 јуни, Неделков рече дека тие одат сега на работа и дека треба да им се исплаќаат дневници за тоа. Наведе и дека постои можноста да донесат одлука да се штрајкува и од дома доколку ќе одработуваат часови и ќе им се скрати дневница, а и на тој начин штрајкувачите би немале трошоци за пат.
Порача дека за време на штрајк, штрајкувачите се тие кои ја водат институцијата, а директорите треба да седат и да чекаат инструкции од нив, а не обратно.
Заврши со тоа дека платите кои од МТСП ги објавуваат јавно за вработените во детските градинки, не кореспондираат со оние коишто ги примаат.

