СветСветот на работникот

Висока флуктуација на работниците во онлајн-доставата во Германија: Ниските плати и лошите услови главни причини за давање отказ

Работниците во секторот за онлајн достава во Германија значително почесто го напуштаат работното место во споредба со други неквалификувани работници, покажува ново истражување на Институтот за истражување на вработување (IAB) од Нирнберг.

Анализата е спроведена врз примерок од 2.370 вработени во 11 компании за достава, а резултатите се споредени со одговорите на 1.017 неквалификувани работници од други сектори.

Истражувањето открива висока флуктуација на кадарот во секторот за достава – повеќето испитаници се задржале на позицијата помалку од една година, а повеќе од половина изјавиле дека самите дале отказ. За споредба, само 19 отсто од работниците во другите сектори самоволно го напуштиле работното место.

Како главни причини за напуштање на работата, 44 отсто од доставувачите ја посочиле ниската плата, а 41 отсто – лошите услови за работа. Во другите сектори, истите причини ги навеле само 10, односно 20 отсто од анкетираните работници.

„Изгледа дека во овие служби постои силен притисок за остварување на резултати, што често доведува до откази“, изјави Мартин Фридрих, раководител на истражувачкиот тим на IAB.

Дополнителен проблем е и постојаниот надзор преку паметни телефони во реално време, што дополнително го зголемува притисокот врз вработените. Затоа, голем дел од нив биле отпуштени поради отсуства предизвикани од болест или поради незадоволство на работодавачите од нивниот учинок.

Од друга страна, во другите сектори најчести причини за отказ се оперативни промени, како реструктуирање или намалена потреба за работна сила.

Извор: Bizportal.rs