Правда

Владата оддава признание на сите демократски чинители за напредокот на Северна Македонија нотиран во најновиот извештај на Фридом Хаус

   Време за читање 1 минута

Во објавениот извештајот на Фридом Хаус „Земји во транзиција 2020“, Република Северна Македонија е оценета како држава која забележала напредок во оценката за демократија во однос на минатата година.

Во извештајот за 2020 година се нотира подобрување во изборниот процес поради добро организираните претседателски избори и подобрување во независноста на медиумите како резултат на пообјективното и поверодостојно известување.

Во извештајот како позитивен пример за решавање на навидум несовладлив проблем е наведено решавањето на спорот помеѓу Грција и Северна Македонија (со медијација предводена од САД), кое на земјата ѝ го овозможи членството во НАТО и отворањето на преговорите со ЕУ.

Извештајот нотира дека напредокот на Северна Македонија е значаен и во однос на состојбите во поширокиот регион.

Владата на Република Северна Македонија ќе продолжи со силен интензитет да соработува со сите чинители и да создава амбиент за постојано унапредување на демократијата и слободите во нашата земја.

Владата оддава признание на сите граѓани, организации, заедници, медиуми и институции кои со своите демократски капацитети и дејствија го овозможуваат демократскиот напредок на земјата и охрабрува за уште посилен ангажман во иднина.

Извор: Влада