ЕкономијаМакедонијаНовости

Во последните 8 години над 15.000 лица се стекнале со звање магистер или доктор на науки

   Време за читање 2 минути

Вкупно 15.254 лица во земјава во последните 8 години завршиле пост-дипломски студии. Податоците од Државниот завод за статистика (ДЗС) покажуваат дека најголем дел од нив, односно 13.565 се стекнале со звање магистер, а останатите 1.689 лица со звањето доктор на науки.

 


Според податоците на ДЗС, минатата година, звањето магистер на науки и специјалист го стекнале вкупно 1.758 лица од кои 1.533 или 87.2 проценти се магистри и 225 или 12.8 проценти се специјалисти. Повеќе од половината, односно 58,2 отсто од вкупниот магистри биле жени.

Во 2020 година најголем број од магистерските трудови, 967 или 63 отсто, се од областа на општествените науки, 22 отсто се од областа на техничко-технолошките науки, а останатите се од областа на хуманистичките, природно-математичките, биотехничките и медицинските науки.

Во однос на универзитетите, најмногу (602) магистри имало од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, потоа на ЈИЕ Универзитет – Тетово (258), Државен универзитет во Тетово (149), Универзитет за туризам и менаџмент -Скопје (113), Универзитет „Св. Климент Охридски“ – Битола (86), и Универзитет Американ Колеџ – Скопје (83).

 

 

Во рамки на УКИМ од каде има и најмногу магистри, 178 се од Правниот факултет, 83 oд Архитектонски, Филозофски (73), Економски (67), Факултетот за електротехника и информациски технологии (49), Градежен (46) итн.

Во 2020 година, звањето доктор на науки го стекнале 174 лица што претставува намалување за 14.7 отсто во споредба со 2019 година. Лани најмногу лица докторирале во областа на општествените науки и тоа 71, од кои 19 на економски и 15 на правни науки. По нив, следни се медицинските науки, каде вкупно докторирале 47 лица, од кои 29 на клиничка медицина. И во 2019 најмногу лица докторирале по општествени, хуманистички и медицински науки.

Извор: Мета.мк