ЕкономијаМакедонијаСветот на работникот

Во 2020 имало над 20 илјади помалку непријавени вработени во однос на 2019 година

Бобан Илијевски

Неформалната економија претставува еден од најголемите проблеми со кои се соочува Македонија од нејзиното осамостојување, најмногу поради тоа што ги става работниците во неповолна ситуација, со тоа што истите коишто работат во овој вид на економија немаат пристап до здравствено и пензиско осигурување.

Државниот завод за статистика покажува дека во 2020 година имало 107,766 неформално вработени граѓани во Македонија. За разлика од 2019 година кога овој број изнесувал 128,026 лица, тој број е намален за 20,260 лица или за над 15 %. Сепак тука клучното прашање е дали овие над 20,000 лица се префрлиле во формалната економија или пак останале без работа.

Редакцијата на порталот „Работник“ од МакСтат базата на ДЗС извади подетални податоци околу тоа колку имало неформално вработени во 2020 година, според полот и возраста.

Податоците покажуваат дека во 2020 година, поголемиот дел од лицата кои работеле во неформалната економија биле мажи и нивната бројка изнесувала 73,609, додека бројот на жени изнесувал 34,157. Имајќи во предвид дека најголемиот дел од неформално вработените работат во градежништвото, угостителството и туризмот, па и транспортот, не е воопшто чудно што бројката на мажи коишто се неформално вработени е поголем од тој на жени.

Државниот Завод за статистика, кога се однесува на возраста, дава податоци за лицата од 15 до над 65 година. Ние извадивме податоците за неколку возрасни групи, од кои најмногу неформално вработени се на возраст од 35 до 44 години – 24,858 лица. Потоа следуваат лицата на возраст од 45 до 54 години – 24,765, од 25 до 34 години – 24,129 лица и од 55 до 64 години – 16,935 лица.

Владата има Стратегија за формализирање на неформалната економија којашто е во процес на реализација. Воедно, креирање на политики за намалување на неформалната економија неодамна најави и Министерството за труд и социјлна политика.