МакедонијаНовостиСиндикат

Вработените во културните институции со протести поради задоцнетите и ниски плати

   Време за читање 3 минути

Од пред зградата на Министерството, од СКРМ им порачаа на службениците дека патот кон повисоки плати за нив не е преку опструирање на Колективниот договор за култура, туку, како што рекоа, преку искрена, натпартиска социјална борба за нивните права, за која секогаш ќе ја имаат поддршката од СКРМ

Со огромен транспарент на кој пишува „За функционерите злато, за културата блато“, со свирчиња, извици и со класична музика која се слушаше, Синдикатот на културата (СКРМ) заедно со културните работници од цела Македонија денеска протестираа пред Министерството за култура, со цел, како што рекоа, да го искажат револтот за неисплаќањето на платите за месец март на над 3 000 вработени, а притоа обвинија дека нема да го добијат и зголемувањето од 12 отсто согласно колективниот договор.

„Во сите овие години од формирањето на Министерството за култура, овој владин орган воопшто не ја оправдува суштината на своето постоење. Од тело кое треба да биде административен чувар на институциите и индивидуите кои го креираат и негуваат културниот идентитет, Министерството е претворено во бирократско дувло кое својата енергија ја насочува кон нивно урнисување, најчесто мотивирано од егоистичните нагони на некои од неговите сомнително компететни службеници. Секоја година резултатите од конкурсите за годишната програма се проследени со скандали, нивото на финансирање е за потсмев, а логистичката поддршка за други извори на финансирање е непостоечка“,рече во обраќањето пред колегите на протестот Вера Атанасовска, претседателка на Синдикатот.

Едноставно, рече таа, Министерството не функционира за тоа што е формирано, а неговото дејствување го доведува до апсурд неговото постоење.

Атанасовска, од пред зградата на Министерството им порача на службениците дека патот кон повисоки плати за нив не е преку опструирање на Колективниот договор за култура, туку, како што рече, преку искрена, натпартиска социјална борба за нивните права за која секогаш ќе ја имаат поддршката од СКРМ.

Според Атансовска, протестот не е само борба за спроведување на Колективниот договор за култура, тоа е борба за социјалната држава и борба за правично вреднување на трудот.

„Од денес СКРМ започнува и нова инцијатива за реформа на нашиот социјален партнер, која ќе го трансформира Министерството за култура во функционално тело со различен формат и различен состав од сегашниот“,рече таа.

Од СКРМ рекоа и дека иако вчера имале средба со претставници од Министерството за финансии, таму не бил постигнат никаков договор.

„Нѐ убедуваа дека нас во овој момент не ни следува покачување согласно колективниот договор, бидејки ние во септември минатата година сме добиле 10 отсто покачување од општиот колективен договор. Порачуваме на Министерството за финансии и на Министерството за култура, ако ја направило грешката и не предвидело пари во буџетот согласно Колективниот договор за култура, тоа да го стори и на овие луѓе овде да им исплати плата и здравствено осигурување во најбрз можен рок“, рекоа од СКРМ.

Од Синдикатот на културата на Република Македонија протестот го најавија уште вчера, од каде што рекоа дека тој ќе продолжи сè додека не се исполни нивното барање за исплата на мартовската плата усогласена со колективните договори.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *