Дали само зголемувањето на платите ќе биде доволно да се задржат луѓето во Македонија?
Што треба конечно да се направи за да се спречи одливот на македонски работници, беше едно од прашањата кои му ги поставив на универзитетскиот професор Димитар Николоски, експерт во областа на пазарот на трудот, во седмата епизода од Работник Поткаст.
Професорот Николоски посочи дека иселувањето не е проблем кој ја засега само Македонија, односно дека тој е присутен во целиот регион. Сите земји кои поминуваат низ транзицијата, каде што поради затворањето на компаниите кои биле во државна сопственост, работниците останале без работа, се соочуваат со овој проблем.
Миграцијата од овој регион се појави како еден нужен излез или ние како што го нарекуваме во економијата на трудот – алтернативен механизам на прилагодување на пазарот на трудот, каде што невработените, со цел да обезбедат сопствена, но и егзистенција за своите семејства, повремено или трајно се иселуваат во потрага по работа – вели професорот Николоски.
Дециден е дека начинот на којшто функционира пазарот на трудот е една од причините за миграцијата, иако постојат и други причини кои се пошироки – излегуваат надвор од контекстот на пазарот на трудот. Истите, наведе Николоски, треба да се гледаат како општествен, социјален и економски феномен.
Професорот смета дека ако сакаме да ги задржиме младите тука, потребни се мерки и во доменот на пазарот на трудот, но и во рамките на општеството.
Во контекст на пазарот на трудот, според него, треба да се стави акцент врз порастот на реалните плати, кај кои би можело да се интервенира директно (преку Законот за минимална плата), преку синдикално организирање и носење на т.н. колективни договори во одредени сектори.
Паралелно со платите, во предвид треба да се имаат и условите за вработување или она што во рамките на Меѓународната организација на трудот е наречена агенда за пристојна работа или decent work, што значи дека не само цената на трудот, туку и останатите сегменти се мошен важни за да се направи вработувањето да биде што е можно поатрактивно – смета Николоски.
Потребно е да се стави акцент и на неформалниот сектор, односно да се преземат соодветни мерки коишто би значеле формализирање на неформалното вработување, со цел сите вработени да добијат можности за пристојна работа.
Николски подвлече дека треба да се реформираат и институциите, а тоа значи дека тие треба да се хармонизираат со законодавството на Европската унија, каде Македонија претендира да членува. Треба да се работи и на намалување на корупцијата, подобрување на јавните услуги, како и на локално, така и на централно ниво.
Инаку, според најновиот извештај на Организацијата за економска соработка и развој – ОЕЦД, од 2011 до 2019 година, од Македонија се иселиле 700,000 граѓани.
Од друга страна, интересен е и податокот за тоа дека во 2018 година, во Македонија имало 10,000 активни фриленсери. Најголемиот дел од нив работеле за компании од странство.
Сето ова сугерира дека македонските граѓани или се иселуваат или работат за компании во странство, што никако не му одговара на бизнис секторот во државата.

