Додека тие со сласт јадат бифтек од 100 денари, народот не може да купи кифла од 80 денари
Автор: Бобан Илијевски
Многу ме трогна видеото кое кружеше по социјалните мрежи, во кое еден човек со солзи во очите раскажуваше за случката со некој стар човек. Имено, тој додека чекал ред да купи печива во една пекара, дошол некој стар човек кој прашал колку пари чини една кифла. Вработените му одговориле 80 денари, но тој имал само 60 во него, па прашал дали може да добие половина. Откако добил негативен одговор, решил да си замине. Човекот кој го раскажуваше ова истапил и му се понудил на дедото да му помогне, по што овој првин го одбил, а потоа прифатил да му додаде уште 20 денари. Сиротиот дедо успеал да купи една кифла која рекол дека ќе ја дели со неговата сопруга.
Ова е навистина трагично, срамно и страшно и за жал, не е единствен случај во државата. Нашите татковци и дедовци кои со својот труд помогнале да се изгради Македонија, денес не можат да купат една кифла. Ова покажува до кое ниво сме дојдени како држава која се прокламира како социјална, а во пракса е тотално капиталистичка.
Не сум против капитализмот, но сум против тоа луѓето да земаат толку ниски плати и пензии, а цените да бидат како тие во Германија, каде платите се далеку повисоки.
Завчера, кога започнаа да се исплаќаат пензиите, од Владата веднаш излегоа да се пофалат дека истите се зголемени за 5,5 %, што во суштина е многу мало зголемување кое воопшто нема да им биде од корист на пензионерите. И така од Владата се фалат не земајќи предвид дека тие имаат менза каде бифтекот чини 100 денари, а пензионерите, па и работниците не можат да купат четвртина бурек со парите кои ќе им останат откако ќе ги платат сите сметки и ќе ги набават потребните лекарства.
Останува и фактичката состојба дека сѐ уште немаат предложено Закон со кој нивните плати ќе се вратат на старо, па додека тие земаат по стотици илјади денари плата, некој со 20,000 секојдневно прави пресметки како да го преживее месецот.
Ова е целата ситуација во државата Македонија опишана во повеќе од 300 зборови.

