ДОСТОИНСТВЕНА ПЛАТА+ПОДОБРИ РАБОТНИ УСЛОВИ= ПОГОЛЕМА ПРОДУКТИВНОСТ
Автор: Бобан Илијевски
Некои од политичарите, но и одредени поединци од бизнис секторот имаат обичај да кажат дека македонските работници не се доволно продуктивни. Мене лично тоа ме чуди, со оглед што нашите работници единствено недоволно продуктивни се во Македонија, а не се во Хрватска, Германија… Нешто тука „смрди“, нели?
Како човек којшто веќе четири години активно работи на теми за пазарот на труд, навистина имам почит кон одредени луѓе од бизнис секторот кои и тоа како знаат да им ги зголемат платите во ек на невидена скапотија. Истите велат дека се задоволни од продуктивноста на нивните вработени. Некои од нив имаат воведено е еден вид на флексибилизација на работниот однос како стимул за уште поголема продуктивност.
Факт е дека голем број на работодавачите се повеќе сфаќаат дека преку унапредување на работниот процес можат да добијат попродуктивни и помотивирани работници, а со тоа и поголем профит. Но, за жал, сѐ уште голема „дамка“ оставаат оние газди чија цел е експлоатација на трудот на работниците.
Самиот податок што на работниците им се крадат во просек по 50 часа од прекувремената работа, односно истите не им се плаќаат, ја покажува таквата тенденција.
Во многу наврати претходно имам напишано – платата и работните услови се причински -последично поврзани со продуктивноста. Формулата е едноставна – фер работни услови и плата за достоинствен живот = на поголема продуктивност.
Е, сега – факт е дека се наоѓа и по некој кој „забушава“, но тука се знае лекот – отказ. Оној кој нема да биде попродуктивен кога ќе му се овозможат достоинствена плата и пристојни работни услови треба да си замине. Но, во услови на плати кои не се доволни за да се преживее месецот и мизерни работни услови, не може да се очекува голема продуктивност. Тоа ви е како на автомобил да му ставите гориво за до Скопје, а да сакате да одите до Битола. Нема да стигнете до посакуваната дестинација, нели?
Пазарот на труд поминува низ своевидна промена. Се појавуваат нови модели на работа, нови приоритети кои им се од голема важност на помладите работници. Се отвораат можности за работа на далечина во странски компании. Компании коишто навистина знаат да ја стимулираат продуктивноста и што ќе претставуваат директна конкуренција на нашите компании во однос на работната сила. Затоа треба да се променат некои гледишта и ставови. Мислам, ако сакаат да бидат привлечни за работната сила, ако не… тие си знаат.

