До кога партиските војници кои „дремат“ на работа ќе земаат плата на грбот на работниците од приватниот сектор?
Автор: Бобан Илијевски
Изминатава недела, па и претходно имаше доста на реакции за тоа зошто ССМ бара да се зголемат платите само во јавниот сектор за 2,806 денари. Здружението за заштита на работничките права „Гласен Текстилец“ беше најгласно во тоа. Јас лично не знам која е позадината на целата ситуација, но факт е дека работниците од приватниот сектор се тие коишто го полнат буџетот, од кои вработените во јавниот сектор земаат плата. Тоа значи дека благодарение на макотрпната работа на работниците од овој сектор, партиските војници кои се вработувани во овие триесет години и седат дома, земаат плата од трудот којшто го вложиле овие работници, за кои знаеме колку тешко ги печалат парите.
Приватниот сектор е највиталниот дел од една држава, токму поради тоа што ѝ носи приходи. И во јавниот сектор има неколку компании коишто создаваат приходи, но се многу помалку од компаниите од приватниот сектор. Претпоставувам дека речиси никој нема против вработените од јавниот сектор да земаат поголеми плати, но проблем е што на нив им се дава најголем примат, наместо да бидат на исто рамниште со вработените во приватниот сектор.
Ако го земеме во предвид фактот дека во јавниот сектор „врие“ од партиски војници и тоа не само на актуелната власт, туку и на претходната, тоа значи дека истите тие се на грбот на работниците од приватниот сектор, нешто што не е прифатливо за мене, а верувам и за другите, особено оние кои работат во приватниот сектор.
Јавниот сектор е гломазен и неефикасен. Тоа го тврдат и оние коишто работат таму. Постојано се отвораат огласи за вработување, но ништо не се презема за да се намали бројот преку соодветни мерки, како одлив по природен пат или давање на отпремнина. Едно време се зборуваше и за тоа дека ќе се направи трансфер од јавен во приватен сектор, но ништо од тоа. Јас не верувам дека некоја компанија би прифатила да вработи некој партиски војник кој не знае да вклучи компјутер, а не па да работи нешто друго. Навистина е интересно сето ова што се случува, од една страна се вели дека, еве правиме реформи, а од друга страна гледаме дека се повеќе и повеќе се вработува во јавниот сектор. На ова старите би рекле „Мижи Асан да ти баам“.
Да потсетиме, и оние рамковните вработени земаа плата на грбот на работникот од приватниот сектор, нешто што го нема никаде низ светот.
Секоја реакција од работниците од приватниот сектор во овој дел е и тоа како оправдана. Зошто со придонесите коишто ги плаќаат на државата, да им се даваат плати на оние кои спијат на работното место? Истиот тој неработник, кога ќе одиш утре да завршиш некоја работа, нема да го најдеш во канцеларија или па ќе ја најдеш заклучена, бидејќи човекот, нели се уморил од „премногу работа“ и сака да одмори очи.
Нека не ми замерат вработените од јавниот сектор кои си ги исполнуваат работните задачи и покрај ниските плати. Тие најдобро знаат што се се‘ случува во институциите во кои работат.

