Драма на крајот од учебната година: Штрајк во средните училишта за време на државната матура
Во најчувствителниот момент од учебната година, токму во неделата на заклучување на оценките и полагањето на државната матура, три синдикати од образовниот сектор и науката најавија штрајк во средните училишта во Хрватска. Штрајкот нема да ги зафати основните училишта.
Главната причина за ваквиот потег, според претставниците на Синдикатот „Препород“ и Независниот синдикат на вработените во средните училишта на Хрватска, е воведувањето на реформата на стручното образование. Одлуката за штрајк е донесена врз основа на резултатите од синдикалниот референдум, каде што над 50 отсто од наставниот кадар се изјаснил во полза на штрајкот, што претставува повеќе од 5.000 вработени.
Штрајкот се најавува во момент кога илјадници матуранти се подготвуваат за полагање на најважните испити во своето досегашно образование. Тоа предизвика сериозни реакции во јавноста, а со свој коментар се огласи и Винко Филиповиќ, директор на Националниот центар за надворешна евалуација на образованието.
„Ако дојде до штрајк, легитимно е да се организира, но државната матура е нешто сосема друго. Тоа би било како пожарникарите да откажат послушност на својот командир. Иако не се работи за спасување на животи, се работи за иднината на нашите ученици. Сметам дека никој нема да дозволи матурантите да останат без можност да ја полагаат матурската проверка. Ова го упатувам до синдикатите што го организираат штрајкот – тоа би бил некаков вид уцена која не е во ничиј интерес. Инаку, јас сметам дека наставниците ја вршат својата работа одлично“, изјави Филиповиќ.
Тој додаде дека доколку некои ученици се најдат во ситуација да не можат да полагаат матура поради штрајкот, ќе се организираат алтернативни решенија.
Извор: 24sata.hr

