Еднократна неповратна помош за угостителско – туристичкиот сектор, бараат од Стопанската комора
Владата веќе го најави петтиот сет на мерки којшто треба да биден донесен во февруари и коишто ќе изнесува 50 милиони евра. Од таму рекоа дека прво ќе има консултации со Стопанските комори и синдикатите, за да се креираат мерките.
Од Стопанската комора на Македонија за порталот Работник велат дека приоритет треба да биде даден на мерките за поддршка на инвестициските активности на компаниите во насока на унапредување на нивната продуктивност и конкурентност. Во таа насока, според нив, треба да се прошират програмите за поддршка за инвестициските циклуси на домашните компании преку Законот за финансиска поддршка на инвестиции и Законот за стратешки инвестиции, но и засилено да се применува концептот на јавно-приватно партнерство, особено во областа на енергетиката, инфраструктурата, екологијата, здравството и образованието.
Од комората посочија дека одржувањето на ликвидноста ќе биде еден од клучните предизвици, особено за компаниите од секторите кои беа посериозно засегнати од воведените ограничувања. Во таа насока, компаниите го очекуваат отпочнувањето на мерките за обезбедување државна кредитна и државна царинска гаранција, кои беа најавени во пакетите за економска помош.
„Истовремено, посебен фокус треба да биде ставен на мерките насочени кон обезбедување на помош и поддршка за домашните извозници – обезбедување на соодветни царински и даночни олеснувања, кои ќе придонесат за поголема конкурентност на македонскиот извоз – ревидирањето на царинската тарифа во насока на нејзино усогласување на нивото на ЕУ, како и можноста за одложено плаќање или пребивање на ДДВ-то при увоз на суровини и репроматеријали, што ќе придонесе за подобрување на ликвидноста на извозниците“, велат од Стопанската комора.
Дополнително, како што велат, треба да се поддржуваат мерки за поттикнување на нето-извозот и насочување на инвестициите на приватниот сектор кон активности што во поголем обем се потпираат на домашни ресурси. Според нив, за отворањето на алтернативни извозни пазари, од големо значење се и дипломатските активности на државата за проширување на мрежата на договори за слободна трговија, особено со земјите од Блискиот исток и Северна Африка, кои на македонските компании ќе им овозможат да ги користат поволностите на дијагоналната кумулација, но и забрзувањето на процесот на усвојување на ревидираните правила за потекло на стоките кои ги уредуваат Пан-Еуро-Мед конвенцијата и ревидираната Спогодба за стабилизација и асоцијација со ЕУ, кои носат повеќе поволности за македонските извозници.
Во однос на секторите кои најдиректно се погодени од воведените ограничувања, од Комората посочуваат дека посебен сет на мерки за помош треба да бидат креирани за компаниите од секторот угостителство и туризам.
„Еден дел од деловните субјекти, пред сѐ, во градските средини (кои не се туристички центри) иако имаа пад на прометот од над 80%, не беа опфатени со клучната мерка, ваучер-системот. Поради немање на работа и заминување на голем процент од вработените, овие компании останаа и без можноста да аплицираат за помош по основ на финансиска поддршка на работодавците погодени од здравствено-економската криза предизвикана од вирусот КОВИД 19, заради исплата на платите првично за април, мај и јуни, а потоа и за октомври, ноември и за декември 2020 година“, велат од Стопанската Комора.
Оттука, велат, повеќе од јасно е дека за овој сектор се потребни специјални мерки со цел поддршка на компаниите за задржување и на вработените и на стабилноста на деловните субјекти. Во таа насока Здружението на угостителството и туризмот бара еднократна неповратна помош за компаниите кои не беа во можност да аплицираат на досегашните мерки за исплата на плата. Од таму очекуваат овие напори да наидат на поддршка бидејќи помошта ќе овозможи зачувување на колку може повеќе работни места во особено тежок период кој следува.
Бизнис-секторот укажува дека поддршка од Владата е потребна не за да се заработи, туку исклучиво и единствено компаниите од секторот да не пропаднат, бидејќи тие и сега, во услови кога речиси и не работат и кога немаат деловна активност, држат еден дел од вработените, а еден дел остануваат без работа. На овој начин е доведена во прашање пазарната позиција на РС Македонија како туристичка дестинацијата на меѓународниот пазар, подвлекоа од Комората.
Од Комората велат дека она што е извесно е дека секторот туризам и угостителство, многу брзо може да даде позитивни резултати по завршување на кризата, со отворање на границите и анкетите што во светски рамки се прават за интересот на луѓето за патување, но сепак фактот дека Корона-19 вирусот трае а вакцинирањето е процес кој нема да заврши брзо, остава простор и можност негативните ефекти да се чувствуваат уште одреден период и во 2021 година. За таа цел, бизнис секторот ги посочува препораките за поддршка на секторот во времетраење на рестриктивните мерки во меѓународниот проток на патници и тоа:
- Формирање на Комитетот за туризам како највисоко тело за туризам, што е приоритетно барање на бизнис секторот. Ова владино тело меѓу другите улоги, ќе има можност да дејствува како механизам за изнаоѓање решенија и надминување на пречките за развој на туризмот особено во кризни ситуации. Конституирањето на Комитет за туризам ќе значи потврда на заложбите за развој на туризмот и воопшто економијата доколку го земеме во предвид потенцијалот на туризмот како индустрија која може да обезбеди повеќекратно повисоки приходи во буџетот од оној во 2019-та година;
- да продолжи поддршката на придонесите на вработените и финансиската поддршка на платите за вработените до март 2021-та година, со цел да се одржи кондицијата на компаниите;
- да се олеснат условите за аплицирање на меркaта за финансиска поддршка на платите за вработените, за да се сочуваат повеќе работните места;
- агресивна промотивна кампања на дестинација;
- Промена на правилникот за субвенционирање и поедноставување на процедурата за субвенции во склад со современата информатичка технологија;
- поддршка на ПЦР тестови за странски туристи а со тоа и атрактивноста дестинацијата Северна Македонија пред потенцијалните странки туристи;
- Ослободување на ДДВ за услуги во угостителството за календарската 2021 година;
- Да се забрза изградбата на автопатот Кичево-Охрид и да се предвиди проширување на патниот правец Охрид-Ресен, потоа да се забрза изградбата на модерен патен правец Куманово-Деве Баир. Трендовите во туризмот кои произлегуваат како резултат од пандемијата во наредниов период укажуваат дека повеќе ќе може да се смета на пазарите од регионот и на домашниот пазар. Тоа наметнува итна потреба од забрзување на изградбата и модернизација на патните правци кои ги поврзуваат основните туристички центри со пазарите од регионот. Притоа приоритет да биде даден на поврзување на охридскиот аеродром со регионот. Патната достапност преку квалитетна и брза патна врска на главниот туристички регион со Скопје и регионалните пазари од соседните држави може да ја смени ситуацијата во многу краток рок и да резултира со неколкукратно зголемување на туристичкиот промет од соседните држави во југозападниот регион, но и во цела Република Северна Македонија.
Нагласија дека едно од првите укажувања на Комората уште од почетокот на кризата бил апелот при конципирањето на мерките од пакетите за економска помош, да се насочат мерки кон компаниите кои можат да испорачаат резултати и да ја повлечат економијата напред по завршувањето на кризата, и Стопанската комора на Македонија останува на тоа стојалиште – единствено успешни компании, од сектори кои имаат потенцијал за раст можат да дадат импулс за раст на македонската економија по завршувањето на пандемијата.
Посебен фокус, според нив, треба да биде ставен на секторите кои се иновативни и со потенцијал за раст и развој, и имаат најголеми потенцијални можности за понатамошна специјализација, вклучувајќи ги ИКТ, прехранбениот сектор и индустријата на пијалаци, одржливо градежништво и нови материјали, машинската, електро и автомобилската индустрија, како и секторите на одржлив туризам и одржлив енергетски сектор.
Од Сојузот на синдикати на Македонија побараа парите од државната помош да бидат директно исплаќани на сметките на работниците, за да не можат работодавачите да ги злоупотребат.
Бобан Илијевски

